Животот понекогаш носи тешки падови, осаменост и чувство на безизлезност. Но, за многумина верата претставува нов почеток, надеж и сила за промена. Такво е и моето сведоштво, преку верата во Господ Исус Христос успеав целосно да го променам мојот живот.
Порано живеев заробен во пороци и лоши навики. Секојдневно пиев алкохол, пушев по три кутии цигари дневно и немав никаков план за мојот живот. Бев човек што се коцка, постојано во казино на рулети, мислев дека така ќе заработам многу. Се надевав дека на тој начин ќе најдам мир и прифаќање од околината, затоа што во тој период бев осамен, отфрлен од семејството, исмеван и неразбран од околината, оставен сам на себе. Казиното надворешно е привлечно и блескаво, но внатре е темнина и празнина. Тие што одат таму мислат дека имаат сè, а всушност немаат ништо и се тотално изгубени.
Пресвртот, се случи во 2015 година, кога ја посетив Христијанската црква „Блага Вест“ во Македонија. Таму преку пасторите Константин и Милена Кајшаров, го запознав Господ Исус Христос. Преку Светото Писмо научив како да чекорам по тесниот пат и целосно да се потпирам на Бога, Кој е мојот Господ и најдобар пријател.
Неколку години подоцна, во 2019 година, мојот живот доби уште еден голем благослов. Господ ме благослови со прекрасната сопруга Верица, со која се запознавме токму во црквата „Блага Вест“. Со Божја милост продолживме заедно да чекориме низ животот со поглед кон Господ Исус Христос.
Денес, нашето семејство брои четири членови. Во Божјо време и на Божји начин, бевме благословени со две прекрасни и здрави ќерки и повторно се уверивме дека Неговите планови се совршени за нас. За крај морам да истакнам дека животот со вера носи надеж, мир и секојдневни чуда. Кога го имаш Господ Исус Христос во животот, секој ден си сведок на Божјите чуда. Алелуја.
Горан Поповски

