Семејство

Како до вистински одмор во топлите летни месеци

Летниот одмор за повеќето луѓе е можност да се тргнат од обврските, да посетат некое интересно место, да се забавуваат и опуштат. По долгите месеци исполнети со секојдневни грижи, брзање, рокови и притисок, човекот природно копнее да застане. Но во овој свет, во кој се е претворено во пазар и самиот одмор почна да се планира како проект. Се полни со вештачки содржини и бучава, па неретко од него луѓето се враќаат уште поуморни, со празни паричници и уште попразни души. Со промената на дестинацијата не може да се побегне од немирот, бидејќи каде и да одиме со себе го носиме своето срце. Ако во него преовладува страв и неспокој, тогаш дури и најубавата плажа нема да донесе излез од состојбата и хаосот.

Затоа летниот одмор треба правилно да се испланира, а мотивот да биде обновување на духот, душата и телото. Наместо патувањето да биде планирано од желба за престиж, луксуз и забави, нека биде водено од потребата за мир и тишина. А мирот го дава Господ Исус Христос и тој се чувствува и покрај морскиот брег и во прекрасните планински предели, но и во прегратките на најмилите.

Не е важно дали во куферот ќе ги спакуваме најубавите парчиња облека и скапиот парфем, туку дали срцето ни е исполнето со радост и благодарност. Одморот е време во кое никој никаде не брза, а членовите на семејството можат да се посветат едни на други, да имаат заедничко време во молитва и активности, а по враќањето во својот дом да бидат и духовно и емотивно поблиски.

Одморот е и прекрасна можност да се помине повеќе време со Бога. А времето со Бог е скапоцено. Тогаш се добиваат одговори на многу прашања, насоки за исполнување на визиите, но и поттикнување кон креативност, која се изразува преку сликање, проза, поезија, музика…

Светото Писмо не потсетува дека и самиот Исус Христос често се повлекувал на осамени места, покрај езеро, или во планина за да се помоли, или да помине време со своите ученици. Кога стоиме на брегот и гледаме во прекрасната морска шир, или во сенките на високите планински дрвја, ние всушност стоиме пред убавините кои ги создал Бог. Тоа е совршено време да се тргне погледот од штетните екрани, на кои секојдневно сме изложени и да уживаме во прекрасната глетка, која ги одмара очите и носи свежина.

Потврда дека летниот одмор е правилно искористен не се бројните фотографии и бронзениот тен, туку состојбата на нашето срце кога ќе се вратиме дома. Ако тоа е исполнето со мир, трпение, љубов и благодарност, тогаш одморот бил навистина благословен, а ние сме духовно обновени и подготвени за нови животни победи.

Маја Јовевска

Можеби ќе ви се допадне

Семејство

Љубовта не се купува

  • 24.02.2026
Кога не си се посветил и љубов не си дал, а потоа го надоместуваш тоа со пари, цвеќе, подароци, тогаш
Семејство

Мажи, вашата сопруга е богатство!

  • 10.03.2026
Таа не е само ваша партнерка во животот, таа е скапоцен дар што ви го доверил Бог. Однесувајте се кон