Родителите понекогаш се соочуваат со чувство на немоќ кога ќе го погледнат своето дете задлабочено во екранот на телефонот, или компјутерот. Лицето му е осветлено од бледата светлина, прстите брзо се движат, а околу него – тишина. Нема детски џагор, нема смеа, ја нема таа детска полетност, која некогаш ги исполнуваше дворовите и маалата.
Па тогаш се поставува прашањето:
- Дали технологијата ни ги зема децата под своја контрола, што се случува во нивниот внатрешен свет и кои се всушност вистинските игри за нив?
Времето во кое живееме нуди инстант забава, а малку радост. Детската душа е како неиспишано парче хартија, како мек сунѓер и сè што ќе влезе во неа на најмала возраст, остава траен печат. Денешните компјутерски игри се дизајнирани за да создадат зависност, а не ретко во нив има скриена агресија, уништувачки дух и егоизам. Детето во светот на тие игри е само, затворено во виртуелниот свет, каде што целта е да се победи по секоја цена, а „другиот“ e само пречка, или непријател кој треба да се елиминира.
Но христијанството не учи дека не живееме само за себе. Нашето секојдневие треба да изобилува со споделување и љубов кон ближните. Животот не е натпревар во кој газиме преку другите луѓе за да стигнеме до целта, туку се натпреваруваме во почитта едни кон други.

Во Светото Писмо има јасна насока за воспитувањето на децата: „Упатувај го детето по неговиот пат, па кога и ќе остари, нема да отстапи од него.“ – Изреки 22:6
Почетокот на патот се однесува на насоки поврзани со секојдневието, на моментите кога детето учи да комуницира со светот околу него, на неговата секојдневна врска со Бога и молитвата, на почитта кон другите, на неговата одговорност и чесност. А децата најдобро учат преку играта. И затоа задачата на секој родител е на своето дете да му понуди вистински игри, кои ќе го изградат во здрава и добра личност.
Вистинските игри се оние, кои вклучуваат жива врска со другите луѓе и кои Му се угодни на Бога. Тоа се оние едноставни игри, во кои децата се гледаат во очи, комуницираат, се договараат, трчаат заедно во дворот, творат нешто со своите раце, или кога се собрани заедно на маса и играат некоја друштвена игра.
Тогаш тие учат да ја манифестираат љубовта на дело, токму по примерот кој го покажа Господ Исус Христос, преку Неговата грижа, сочувство и служење на другите. Во тие мигови, низ смеа, трчање и безгрижност ги впиваат најважните поуки. Се учат на трпеливост, кога треба да го почекаат својот ред во играта, го учат милосрдието, кога треба да помогнат на другарчето, избираат прегратка, наместо гнев.

А најважниот показател за тоа дали играта е добра, или лоша е состојбата на детето, откако забавата ќе заврши. Тогаш неговите очи јасно говорат. Ако во нив има солзи, ако детето е гневно, изморено, нервозно, исцрпено, тоа е знак за будност. Но ако по играта детското срце е весело, мирно, исполнето со благодат и е подготвено за молитва и прегратка пред спиење, тоа значи дека родителите го водат своето дете по вистинскиот пат.
Затоа, да ги тргнеме децата од екраните, но не со викање и закани, туку да им понудиме нешто многу повредно и скапоцено, а тоа е нашето време. Времето поминато во жива игра, разговори,читање библиски приказни, заедништво и радост се цврст темел за нивниот понатамошен духовен раст и развој.
Маја Јовевска

