Според официјалните информации убиството на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди, е извршено во Далас, Тексас на 22 ноември 1963 година, во моментот кога тој, како дел од претседателската свечена колона, се движел со своето кабриолет возило, пред насобраните симпатизери во Далас. Од полицијата, за убиец е означен Ли Харви Освалд, работник од Далас кој наводно бил и симпатизер на комунизмот.
Но дали навистина тој е вистинскиот убиец или “жртвеното јагне”? Дали Освалд во тој момент беше најсоодветен, најприфатлив за јавноста да биде прогласен за убиец, а вистинските креатори и изведувачи на убиството сеуште се во тајност, и можеби ова убиство е само дел од низата на извршени убиства!? Не сѐ што се прикажува во јавноста и медиумите е вистина.
Кој го уби претседателот Кенеди останува една од најголемите мистерии на САД. Зашто до ден-денес, повеќе од 50 години по атентатот, нема официјален судски извештај кој дефинитивно би утврдил – кој навистина го убил американскиот претседател Џон Ф. Кенеди?!
Но кое е првото убиство што некогаш било извршено во историјата на човештвото и која била причината?
Првото злосторство во човечката историја е убиството на Авел од страна на неговиот брат Каин. Но зошто се случило тоа убиство, брат да убие роден брат, од што било поттикнато тоа убиство?
Можеби одговорот ќе ве зачуди, затоа што повеќето мислат дека зависта била причината. Но нешто друго се крие позади зависта. Религијата била повод за првото убиство во човештвото! Но зошто?
Затоа што Авел со вера Му принел на Бога подобра жртва од Каиновата, бидејќи имал откровение (Слово од Бога) во врска со која жртва е прифатлива за Бог и на тоа одговорил со вера и послушност. Каин не принел со вера туку си дал принос каков што он одлучил да си даде а не каков што Бог бара. Не го прифатил и не се подредил на Божјиот начин туку го направил на свој начин. Тоа е бунт против Бога. Тоа е стремеж да се здобие со сопствена праведност, наместо да се прифати Божјиот начин, Божјата праведност. Каин принел дела на човекот – од плодот на својот труд (од она што го сработил со сопствен труд) и на тој начин го навредил Бог.
Господ погледнал благонаклонето (милостиво) на Авел и неговата жртва, а на Каин и неговата жртва не погледнал туку ја отфрлил зашто не била дадена со вера, Каин не бил покорен на Божјиот начин и била од сопствен труд. И тоа толку многу го разгневило и налутило Каин што лицето му се помрачило и веднаш потоа го убил својот брат за што читаме во Божјото Слово:
“Потоа Адам легна со жената своја Ева, која зачна и го роди Каин, и рече: „Придобив човек од Господ!“ Го роди уште и братот негов Авел. И Авел стана овчар, а Каин беше земјоделец. По некое време Каин Му принесе на Господ дар од земните плодови; а и Авел исто така принесе од првината на стадото свое и од нивната маст. И Господ погледна благонаклоно на Авел и на неговите дарови; а на Каин и на неговите дарови не погледна благонаклоно. Затоа Каин многу се разлути, и лицето му се намршти. Тогаш Господ му рече на Каин: „Зошто се лутиш? Зошто се помрачи лицето твое? Зарем, кога правиш добро, не си ведар во лицето? А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата; тој те влече кон себе, но ти надвладај го!“ И му рече Каин на својот брат Авел: „Да појдеме в поле!“ А кога беа во полето, Каин скокна на својот брат Авел, и го уби.” (Создавање 4:1-8)
Каин бил претставник на религијата на Законот и делата, додека Авел бил претставник на религијата на верата и милоста. Каиновиот религиозен систем е исполнет со зло и со убиства и овој систем е мачител на Исусовите следбеници. Постојано низ историјата на човештвото, непријател и прогонител на Авеловата религија биле следбениците на Каиновата религија на која и припаѓаа и фарисеите и свештениците од времето на Христос кои Го убија Оној Кој ја проповедаше милоста и верата – Исус.
Ништо не ги прави религиозните луѓе толку гневни и ден денес од тоа кога ќе им кажеме дека нивната религија не фукционира. Ова е главната причина зошто и денес натприродни манифестации на Светиот Дух како зборување на непознати јазици, исцелување и ослободување во името на Господ Исус Христос, даровите на чуда, се под напад на религиозните луѓе. Они се фрустрирани зашто прават многу религиозни работи (почитуваат и следат многу религиозни заповеди и правила што останале од предците), а не добиваат натприродна потврда од Бог, каков што бил и случајот со Каин.
На која религија припаѓаш ти – на Авеловата или Каиновата?
Извор: https://vecer.mk/, “По милост” од Дерек Принц

