Што ако Христовото доаѓање не е нешто за кое наместо да се прашуваме „кога тоа ќе се случи“, попрво би се запрашале „дали сме подготвени за тоа што ќе се случи?“ Библијата зборува за денот кога Христос ќе дојде по Својата Невеста. Не открива точен датум, но остава јасна порака – да бидеме подготвени!
Во Стариот Завет се дадени слики и настани, како претслика за она што допрва треба да се случи.
Една од највпечатливите библиски слики, е онаа за Авраам, неговиот син Исак и Ревека, приказна за силна вера, доверба во Бога, жртва и очекување на средбата помеѓу невестата и младоженецот. Слика која може да се поврзе со Христос, Неговата Црква и Неговото повторно доаѓање. Но, пред сè, зад оваа приказна има една суштински подлабока порака – стравот од Бога!
Да се има страв од Бога или стравопочит кон Господа, не значи да се живее во постојан страв од некаква Божја казна, туку тоа значи да се препознае Божјата светост и величие, да Му се верува и да се почитува Неговата волја – зашто Тој е семоќен, целосно свет и совршен. А токму таква стравопочит го оддалечува човекот од злото и го насочува да чекори по Божјиот пат. Со други зборови, стравопочитта кон Бога се препознава кај оние кои вистински Му веруваат и кои се спремни да Го послушаат во сè!
Авраам е пример за таков човек. Покажа длабока стравопочит кон Бога и силна вера во Него. Подготвен да послуша, дури и кога пред него стоела една од најтешките можни одлуки – Божјото барање, да го принесе Исак – својот син, како жртва сепаленица. Авраам не се поколебал. Покажал вера која била придружена со целосна доверба во Бога, за во последниот момент, Бог ја запре неговата рака, која била спремна да го жртвува својот син и да обезбеди овен за жртва, наместо Исак. Додека се искачувале по планината, кон местото каде требало да биде принесена жртвата, Исак сам на своите плеќи ги носел дрвата за жртвеникот. Во ова може да видиме претслика на она што Исус го направи години подоцна, кога Сам го носеше дрвениот крст на своите плеќи, не поради своите гревови, туку поради гревовите на светот.

Но, приказната не завршува тука. Подоцна Авраам го испраќа својот слуга, да пронајде невеста за Исак. Така, изборот паѓа на Ревека и таа била повикана да го напушти својот дом и да тргне кон Исак. Авраам ја претставува сликата на Бог Отецот, Исак – сликата на Синот Исус Христос, додека слугата, кој ја бара невестата – слика на Светиот Дух. Ревека, пак е слика на Црквата – невестата која е повикана да го напушти својот дом и да тргне кон младоженецот.
Клучен момент е стихот од Битие 24:61, каде Ревека и нејзините слугинки станале, се качиле на камилите и тргнале со слугата. Таа не чекала да го види Исак за да поверува, туку поверувала и тргнала. Нејзиното заминување не било ниту присилено. Таа донела одлука и тргнала. Нејзината вера не останала само на збор, туку се покажала и на дело.
И токму тука, може да ја видиме сликата на подготвеноста на Црквата. Невестата која верува, станува и тргнува кон Младоженецот. Христос доаѓа!
Во Јован 14: 2-3, вели: Во Домот на Мојот Татко има многу живеалишта; ако не беше така, Јас ќе ви кажев, зашто одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам при Себе, за да бидете и вие каде што Сум и Јас.
И тоа не е нешто далечно, туку е ветување кое Црквата го очекува. Можеби денот и часот не ги знаеме, но со сигурност знаеме дека Младоженецот доаѓа по Својата Невеста! Затоа, да го живееме секој ден со надеж и исчекување на Младоженецот, со вера, стравопочит и послушност кон Бога, за кога Тој ќе дојде, да ја најде Својата Невеста верна, будна и подготвена, да тргне со Него!
Подготвил: Ана Божинова

