Многумина добро го познаваат оној миг кога товарот на животот ќе стане претежок. Тоа е оној тивок, тежок час кога болката, стравот или неизвесноста ќе тропнат на вратата, а срцето ќе се исполни со немир. Во тие мигови, кога сите човечки зборови звучат празно, војната во мислите станува најгласна.
Природно е да бараме рака која ќе нè прифати, ќе не утеши и прегрне. Но, прашањето е: Кое име го изговараат нашите усни кога ноќта е најтемна?
Честопати, во паника, прво трчаме кон луѓето. Бараме утеха кај пријателите, поддршка од семејството или сигурност во материјалните нешта. Луѓето се прекрасен благослов и Бог често ни помага преку нив. Но, човечката моќ има граници. Понекогаш и оние кои најмногу нè сакаат се немоќни пред нашата болка.
Кога човечките извори ќе пресушат, лесно е да се падне во очај, да се почувствува несигурност и осаменост.
Но, во тие мигови на осаменост, одекнува еден нежен, родителски глас кој вели: „Дојдете кај Мене сите вие кои сте изморени и натоварени со тешки бремиња, Јас ќе ве одморам!“ – Матеј 11:28.
Ова не е само ветување запишано на хартија, ова е жива покана од нашиот Господ и Спасител. Во тешкиот час повикај Го Исус!

Зошто Него? Затоа што Тој не е далеку. Тој ги знае твоите солзи уште пред да потечат. Во Псалмите стои запишано: „Господ е близу до оние што се со скрушени срца, и ги спасува оние, што се со покајнички дух.“ – Псалм 34:18.
Исус не нè набљудува од далечина со прекор, туку не љуби и е полн со сочувство, ја знае нашата тага и го познава нашето срце.
Повикувањето на Неговото име во тежок час не значи дека сите проблеми магично ќе исчезнат за секунда. Тоа значи дека веќе не си сам во огнената печка на несигурноста и безизлезноста. Тоа значи дека го предаваш кормилото во рацете на Оној, Кој ги смируваше бурите на Галилејското Море. Кога ќе Му кажеш: „Господи, јас немам сили, води ме Ти“, Неговата благодат почнува да дејствува. Како што ни порачува и апостол Петар: „Се што ве вознемирува препуштете Му го Нему. Тој се грижи за вас.“ – 1 Петрово 5:7.
Затоа, кога следниот пат ќе те притисне тешкиот час, пред да потонеш во мислите или да побараш утеха на погрешно место, застани. Клекни на колена или едноставно во тишината на твоето срце шепни го Неговото име. Повикај Го Христа, зашто Тој веќе те чека со раширени раце, подготвен да ти го даде Својот совршен мир.
Маја Јовевска

