Живееме во време на современа технологија, брза достапност на информации, различни можности за инвестиции и заработка. Луѓето се насочени кон обезбедување на материјална сигурност за себе, за своите најмили, често заборавајќи дека сите сме привремено присутни во овој свет и дека сè е минливо, а само Бог е вечен. И сета таа трка со времето и потрагата кон световната сигурност, го стврднува човековото срце.
Луѓето, иако живи, се чувствуваат внатрешно мртви, бараат излез, копнеат по љубов и многу често ја наоѓаат на погрешни места, при тоа препуштајќи се на телесни задоволства, пороци, зависности од технолошки уреди и сл.
Но времето не треба да се троши погрешно, животот да минува, а човек да не остави никаква трага зад себе дека постоел, се радувал, творел, љубел…
А тоа е возможно единствено ако се инвестира во време поминато со Господ Исус Христос. Тој е нашиот најдобар пријател и ако со вера му пристапиме, тогаш дозволуваме Тој да гради, да благословува и намножува во секој аспект од нашиот живот. За средбата со Него не е потребна скапа технологија, ниту посебни ритуали.
Потребно е само срце гладно и жедно за Бога, кое е подготвено да прима од Неговата совршена љубов, која на чудесен начин ги менува животните околности, дава нов поглед на животот, нови визии, цели и приоритети. Тогаш човек ја разбира смислата на своето постоење, им се радува и благодари за сите благослови, кои по Божја милост ги прима во изобилие, но подготвен е и да дава, да дели со останатите и да биде благослов во животите на мнозина.
Времето поминато со Господ Исус Христос е инвестиција која е најсигурна и најбезбедна, без ризици и загуби, а придобивките се трајни и вечни.
Маја Јовевска

