Таша Кобс Леонард е американска пејачка, авторка на песни, пастор и лидер на тимот на славење , позната по својата служба во христијанската музика. Песната „Break Every Chain“, која ја снимила во 2012 година, е една од песните по кои е најпрепознатлива. Сепак, нејзината кариера, не е единствениот дел од нејзината приказна. Во повеќе интервјуа таа отворено зборува за сопствените борби со депресија, отфрлање, загуба и преиспитување на верата.
Кобс Леонард пораснала во Џесап, Џорџија, во христијанско семејство. Нејзиниот татко, бискуп Фриц Кобс, бил пастор и основач на Jesup New Life Ministries, каде што Таша подоцна служела како лидер на службата за славење. Во едно поново интервју таа раскажала дека нејзиниот татко уште од рана возраст ја подготвувал не само за музика, туку и за комуникација и поучување. Според нејзиното сведоштво, првата проповед ја одржала на 10-годишна возраст.
На 15 години добила неочекувана можност да настапи со младинскиот хор во својот роден град. Главниот вокал не можел да настапи, па Таша била замолена да ја испее „Now Behold the Lamb“. Подоцна раскажала дека кога ги отворила очите по настапот, видела дека некои од луѓето плачат. Таа го опишува тој момент како важен во препознавањето на нејзиниот музички и духовен дар. Иако на јавноста ѝ била позната како лидер во славењето, која служи пред многу луѓе, Кобс Леонард подоцна открила дека во еден период од животот истовремено се борела со сериозна лична криза.


Во интервјуа таа зборува за депресијата и чувството на отфрлање. Таа подоцна зборува и за тоа дека нејзината борба со отфрлањето била поврзана со начинот на кој уште како дете го доживувала притисокот да биде совршена. Според нејзиното сведоштво, со текот на годините почнала да ги крие сопствените слабости и да верува дека другите нема да ја прифатат ако ги видат нејзините недостатоци. Подоцна зборува и за важноста на терапијата во нејзиниот процес на соочување со овие проблеми.
Нејзината приказна за тој период подоцна е повторно споделена преку „In the Room“, песна поврзана со Maverick City Music. Во личното сведоштво што го споделува во контекст на песната, Кобс Леонард зборува за периодот околу 2012 година кога можела да стои пред луѓе, да пее и да гледа како тие се охрабруваат, а потоа да се врати дома и со денови да остане во затемнета соба, плачејќи и повлекувајќи се од другите.
Кобс Леонард потоа опишува духовно искуство во кое, според нејзиното сведоштво, почувствувала дека Бог ја потсетува дека не е сама. Таа исто така раскажува дека почнала секојдневно да се соочува со чувството на отфрлање и да се потсетува на својата припадност кон Бог. Овој процес го опишува како дел од нејзиното излегување од тој тежок период.

Во 2014 година Кобс Леонард го загубила својот татко, бискуп Фриц Кобс. Неговата смрт била ненадејна и се случила во период кога Таша била во пресрет на доделувањето на Grammy наградите. Загубата силно влијаела врз неа. Таа подоцна зборува за татко ѝ како за човек кој имал значајна улога во нејзиниот живот и развој како служител и комуникатор. Само неколку дена по неговата смрт, таа продолжува со своите професионални обврски и присуствува на Grammy наградите во Лос Анџелес. На церемонијата ја освојува својата прва Grammy награда и му ја посветува на својот татко. Подоцна неговото влијание врз нејзиниот живот станало една од темите на нејзината книга „Do It Anyway“.
Во 2015 година Кобс Леонард со песната „Jesus Saves“ го поврзува периодот во кој, доживува ослободување од депресијата и чувството на отфрлање. Нагласува дека за неа спасението не се однесува само на првичниот момент на прифаќање на Исус Христос, туку и на различните борби низ кои човекот поминува во текот на животот. Во интервју за The Christian Post таа го поврзува својот личен пат со песната и рекла дека кога ја изведува, повторно се потсетува на периодот во кој, како што самата кажува, Исус ѝ помогнал во борбата со депресијата и отфрлањето.
Еден од најтешките периоди за Кобс Леонард и нејзиниот сопруг Кени Леонард бил поврзан со обидите да добијат дете и загубата на бременоста. Во интервју објавено во 2025 година, Таша отворено зборува дека токму во тој период доживеала сериозно преиспитување на својата вера. Таа објаснува дека целиот свој живот го посветила на богослужение, охрабрување на луѓето и поучување за Исус Христос, но дека во моментот кога најмногу посакувала да стане мајка, не го добила она за што се молела.
Во тој период, според нејзиното сведоштво, му се јавила на својот ментор Вилијам Марфи и му кажала дека нејзината вера е скршена. Таа раскажала дека Марфи ѝ одговорил дека токму скршеното место може да биде место каде што верата повторно ќе биде изградена. Ова искуство ја променило и нејзината перспектива за верата. Таа зборува за разликата меѓу очекувањето Бог да направи нешто на одреден начин и подготвеноста да Му се верува и кога одговорот доаѓа на поинаков начин.

Во 2022 година Таша Кобс Леонард и нејзиниот сопруг станале родители на син преку посвојување. Нивниот син Ашер станал дел од семејството, после долг период на обиди за проширување на семејството и тешкотии поврзани со тоа. Кени Леонард зборувал дека нивната вера била тестирана во текот на тој процес, додека Таша го опишала посвојувањето како убаво искуство и ги охрабрува луѓето да не се откажуваат од верата и надежта.
Во јавните сведоштва на Таша Кобс Леонард, верата во Исус Христос е тесно поврзана со нејзината музика и нејзиниот начин на служење. Нејзината приказна опфаќа различни периоди – од детството во црковно семејство и раното вклучување во служба, преку професионалниот успех и борбата со депресија и отфрлање, до смртта на нејзиниот татко, загубата на бременоста и патот кон мајчинството преку посвојување.
Она што таа самата постојано го истакнува е дека верата не значи отсуство на тешкотии. Во нејзините сведоштва, верата се појавува токму во моментите кога таа се соочувала со болка, разочарување и прашања. За неа, музиката и службата не се кариера. Тие се начин преку кој го споделува сопственото искуство и пораката дека верата може да остане присутна и во периоди на болка, загуба и неизвесност.
„Содржината е базирана на јавно достапни онлајн информации, со авторска обработка и интерпретација.“
Андреј Ристовски

