Поставувањето граници честопати се поистоветува со поставувањето правила. Иако и двете го обликуваат однесувањето, тие делуваат во различни насоки. Границата претставува себеуправување, додека правилата се начин на организирање и насочување на однесувањето во одредена средина.
Ако можеме да ја замислиме границата, таа би изгледала како невидлива линија што ја исцртуваме за да ја заштитиме својата физичка, психичка и емоционална благосостојба.
Некои луѓе ги мешаат овие поими и за граница го сметаат она со кое сакаат да контролираат друга личност. Но, тоа е правило. Неговата цел е да го обликува или контролира однесувањето на другиот, понекогаш преку притисок или санкции.
Накратко, границите се однесуваат на нашите лични лимити во одредена ситуација, поврзани со нашите вредности, време, енергија и капацитети. Правилата, пак, се споделени очекувања во рамките на група, простор или однос, како што се работен тим, училница, спортски клуб или релацијата родител-дете.
Границите се комуникација за нашите потреби и ограничувања. Правилата, од друга страна, се поконкретни и служат за одржување ред и структура.
Границата одговара на прашањето: „Што јас ќе направам?“, додека правилото одговара на прашањето: „Што очекуваме овде?“
Замислете дете на кое во раното детство не му биле поставени јасни граници. Никогаш немало определено време за легнување, на пример во 20:00 часот во текот на работната недела. Наместо разновидна исхрана, често јадело благо кога сака. Не било поучено дека миењето заби пред спиење е важно за здравјето, дека сонот ја обновува енергијата или дека подредувањето на облеката и средувањето на собата носат ред и полесно функционирање следниот ден.


Во такви околности тешко може да се очекува од детето да развие дисциплина и чувство за одговорност. А токму дисциплината помага да се изградат навики за организација на времето, исполнување обврски, грижа за себе и почитување на заедничкиот ред во семејството.
Редот во семејството подразбира преземена одговорност од сите негови членови. Секој ја знае својата улога и своето место во семејната заедница. Родителите се повикани со доследност и истрајност да го насочуваат детето кон здрав развој и правилни животни навики, соодветни на неговата возраст.
Границите претставуваат свесно подучување на детето за очекуваното однесување, со цел постепено да развие способност за самоконтрола и себеуправување. Тоа се постигнува преку комуникација за неговите потреби, како што се доволно сон, здрав оброк, соодветна облека и грижа за сопственото здравје, но и преку поставување ограничувања, како намалување на времето поминато пред екран, учество во семејните оброци и преземање мали домашни обврски.

Кога родителот не поставува граници, често се случува да му угодува на детето и да ги исполнува сите негови желби, или детето да биде оставено без јасни насоки и да прави што сака. Последиците не се чувствуваат само кај детето, туку во целото семејство, и подоцнежното воспоставување граници станува многу потешко.
Една од најважните работи што детето треба да ги научи е да слуша. Тоа подразбира внимание и фокус во комуникацијата со родителот, разбирање на поставените очекувања и постепено усвојување на новите навики. Во пракса тоа значи родителот јасно да го каже барањето, да го покаже неговото спроведување и доследно да остане на истиот став.
Зошто е тоа важно? Бидејќи не се гради само едно дете, туку се воспитуваат идни генерации. Она што детето ќе го научи денес, утре ќе го пренесе на своите деца, а тие на следните генерации.
Кога во домот постојат здрави граници, детето ја знае својата улога. Во такво семејство се препознава улогата на мајката, таткото и на детето. Се негуваат почитта, благодарноста, комуникацијата, меѓусебното разбирање и поддршка. Кога детето ќе порасне, овие вредности стануваат дел од неговиот карактер. Така се гради личност која не е ниту претерано зависна од другите, ниту претерано индивидуалистички насочена.
На децата им е потребна сигурност, а границите токму тоа го обезбедуваат. Тие создаваат чувство на заштита и предвидливост. Детето знае дека кога се движи во рамките на дозволеното, се наоѓа во безбедна средина која го штити од штетни последици и ризични влијанија.

Од друга страна, недостатокот на граници може да доведе до нарушување на семејната хармонија. Во современото општество често сме сведоци на притисоци кои ги релативизираат вредностите и ги бришат границите што всушност градат, а не рушат. Токму тие вредности носат радост, ред и заедништво во семејството.
Неизбежно е да се спомене и сигурноста што детето ја добива преку љубовта на своите родители. Таа е важен дел од воспитувањето и му помага на детето да се чувствува прифатено, разбрано, сакано и вредно. Кога детето расте во средина исполнета со љубов, доследност и разбирање, полесно развива внатрешен мир, одговорност и здрав став кон животот.Родителот кој воспитува со мудрост, трпение и љубов остава траен белег во животот на своето дете. Тој е негов поттик, поддршка и пример. Верува во неговите способности, ги охрабрува неговите напори и со своите зборови и постапки гради темел за неговата иднина.
Нека во времето на постојана трка по успех, финансии и обврски не ги заборавиме вистинските вредности. Да инвестираме во воспитувањето на децата, во градењето карактер, одговорност, љубов и почит. Токму овие вредности создаваат цврсти личности и здрави семејства кои остануваат стабилни и во најпредизвикувачките животни околности.
Подготвил: Симона Шошолчева

