Господе мој, колку ми е убаво во срцето кога мислам на Тебе и толку многу се радувам, што очекувам дека ќе полетам.
Летнувам Господе нагоре кон тебе и среќен сум, слободен и потоа паѓам надолу, но не се плашам, се препуштам во Твоите раце кои ме прибираат. Господе Ти благодарам што ме негуваш, што бдееш над мене и ме исцелуваш. Кој сум јас, само едно зрно во песокот, а Ти си Го вперил Твојот поглед кон мене, ох мој Господе, сите кога заминуваат Ти остануваш и во мигот кога ќе патувам, Ти ќе ме водиш.
А си мислев дека никого не сум повредил и бев убеден дека сум добар, не знаев што значи да си грешен и во сета смрдеа од гревови, ѓубриња од помисли и клети зборови, Ти Господе помина покрај мене носејќи го крстот, а јас довикував од толпата и богохулев, не знаев дека за мојата грешност Ти крвта своја ја пролеа и со неа ме изми од сета грешност и смртност.
Ти умре мој Господе Исусе Христе, за јас да живеам. И додека Ти висеше на дрво, а јас мислев дека сум млад за Библија, светот тонеше во гревот наречен безредие во кој припаѓав, не најдов засолниште, како сираче гладно на семафор вриштев од гнев и лицемерие, потоа умрев. Некој помина врз флеката крв од моето здробено тело на патот и одново смрдеа. Кој ли ќе се сеќава дека постоев некогаш, сите умреа.
Ти Господе Исусе Христе Воскресна и си жив, мене одново ме роди и сега дишам повторно во Твојата благодат. Жедните за Тебе пресушија и ниту ракија, ниту вода, ниту пари, ни работа не ги наситува, како пепел се распрскуваат во мизерија, но во Тебе Христе е Вечната Победа. Сега води ме, сега Твој сум, Ти зборувај низ мене Христе сите да слушнат за тебе и во Радосната Вест да заживеат. Се покајувам за грешноста своја и простувам на оние кои од моите солзи веселби си правеа, Господе Исусе Христе во тебе јас верувам.
Извор: Биди поинаков, М-р Константин Кајшаров

