Во денешно време сѐ повеќе луѓе бараат помош, разговор, духовна поддршка, совет или насока за својот живот. Некој има семејни проблеми, некој здравствени, некој духовни борби, а некој едноставно има потреба некој да го сослуша и разбере. Токму затоа, многу луѓе во Македонија и надвор од неа се обраќаат кај Константин Кајшаров.
Но во последно време сѐ почесто се појавува едно исто прашање и недоразбирање: „Зошто нешто е бесплатно, а нешто се наплаќа?“
Причината е едноставна – затоа што Константин Кајшаров делува на две различни полиња.
Првото е неговата духовна служба како Епископ и Пастор во Христијанска Црква Блага Вест во РМ. Во Црквата се одржуваат Богослужби, молитви, исцелителни служби, духовни разговори, крштевања, венчавки, погреби и помош за луѓето. Сите овие духовни активности се бесплатни и достапни за секого. Целта на Црквата не е заработка, туку помош, вера, надеж и приближување на луѓето кон Господ Исус Христос.
Но покрај духовната служба, Константин Кајшаров има и професионална работа. Тој е М-р. по Кинезитерапија и М-р. по Клиничка и Советодавна Психологија, а работи и во Елан – Центар за Терапија и Едукација, каде се одржуваат консултации, терапии, едукации, семинари и професионални обуки.
Ова е сосема различен тип на работа кој бара време, организација, простор, апарати, подготовки и постојан професионален ангажман. Поради тоа, услугите во Центарот се наплаќаат, исто како и во секоја друга професионална установа.
Исто така, потребно е луѓето да разберат дека поради огромниот број обврски, патувања, семинари, Богослужби и средби со луѓе, невозможно е секој да биде примен веднаш и во истиот момент. Денес сите живееме брзо и сакаме сè веднаш, но кога еден човек работи со толку многу луѓе, неопходни се организација, ред и закажување.
Тоа не значи дека некој е одбиен или неважен. Напротив – токму преку добра организација секој човек може да добие повеќе внимание, време и квалитетен пристап.
Затоа е важно да се направи разлика помеѓу духовната служба во Христијанска Црква Блага Вест во РМ, која е бесплатна и отворена за сите, и професионалната работа во Елан – Центар за Терапија и Едукација, која функционира како стручно и професионално дејствување. Понекогаш луѓето ја гледаат само јавната страна на работите. Но зад сето тоа стојат години работа, учење, посветеност, патувања, организација и секојдневна работа со луѓе. И токму затоа, потребни се и разбирање, трпение и почит кон целиот процес.

