Бог ги создал родителите за да бидат благослов за своите синови и ќерки, да ги пораснат со многу љубов, внимание, грижа и поддршка. Во првите денови од животот, родителите со нежност и радост ги следат првите запчиња, првите зборови, првите чекорчиња на децата. Со многу љубов се грижат за нив кога се болни, ги утешуваат кога се тажни, но и со авторитет им укажуваат кога ќе погрешат. Срцето им се весели кога ќе ги видат пораснати во зрели личности, полни со љубов, сочувствителност и добрина.
Семејството е „мала црква“ и тука започнува воспитувањето. Во најраната возраст децата се најсреќни во прегратката на мама и тато и затоа во тој период од особена важност е правилно да се насочат. Еден ден тие ќе пораснат. Приоритетите нема да им бидат исти како кога биле мали. Зависноста од родителите е помала, но љубовта е таа која треба секогаш да ги поврзува.
Ако децата растат во здраво христијанско семејство, во кое мајката и таткото ги запознаваат со верата во Господ Исус Христос и ги насочуваат кон се што е чесно, вистинско, праведно, чисто, љубезно, вредно и ценето, тогаш нема да им биде тешко да се однесуваат според пишаното во Светото Писмо:
„Почитувај ги својот татко и мајка – тоа е првата заповед со ветување – за да ти биде добро и за да живееш долго на земјата!“ – Ефесјани 6:2-3
А почитта, исто како и љубовта се покажува не само преку зборови, туку и преку дела. Ќе дојде денот кога родителите ќе остарат. Децата ќе тргнат по својот пат. Но секогаш во тишината на својот дом мајчините и татковите очи најрадосни ќе бидат кога на влезната врата ќе го здогледаат синот, или ќерката, како им доаѓаат во посета и им пристапуваат со топла прегратка. Иако нивните раце се остарени и слаби, некогаш цврсто ги држеле своите деца и им давале сигурност. Можеби нивниот глас е треперлив и неразбирливо зборуваат, но се радуваат кога ќе бидат со внимание слушнати од нивното дете, исто како што тие со восклик во срцето ги слушаа првите зборови на своето чедо. Кога ќе бидат осамени им значи присуството, вниманието, утехата, но и молитвите и грижата кога се болни.
Божјата љубов ако е присутна во срцето, тогаш се има и време и трпение, но и благодарност. Исус Христос кога висеше на Крстот, во големи маки и страдања, со погледот ја бараше својата мајка Марија, која плачеше под Крстот. Не мислејќи на себе, Му се обрати на ученикот Јован, кого многу го љубеше, со зборовите: „Еве ти мајка!“, со цел да има некој да се грижи за неа.
Понекогаш има и спротивставени ставови помеѓу помладите и постарите генерации. Но и во тој случај Божја волја е да бидат надминати со благост и мир. Затоа уште додека родителската куќа е исполнета со нивното присуство, додека сè уште чука нивното срце, не треба да се штедат време и прегратки. Кажете им колку ги сакате и колку сте им благодарни. Раскажете им како ви поминал денот, израдувајте ги со вашето присуство, кое е бесценето за нив. Отидете на вашето омилено место, нека во вашите очи ја видат истата искра како кога бевте деца.
Маја Јовевска

