Надин Флејвени е родена во Пенсилванија и пораснала во муслиманско семејство. Според нејзиното сведоштво, нејзиниот татко бил насилен кон неа и кон нејзината мајка. Таа вели дека насилството започнало кога имала околу шест или седум години.
Опишувајќи го своето детство, Надин вели: -„Растев во западна култура додека бев муслиманка и уште од мала возраст го мразев исламот. Не го разбирав, но го мразев.
Си велев: Како е можно да се молиш пет пати на ден, а да се однесуваш вака кон мене? Како е можно целото мое семејство – бабите, чичковците, сите – да се молат пет пати на ден, а сепак сите да се несреќни и да има насилство во семејството? Иако не ја разбирав целосно суштината на исламот, ги гледав плодовите и тие беа толку расипани.“
Во текот на годините се соочувала со депресија, анксиозност, АДХД, мисли за самоубиство и парализа во сон. Таа сведочи дека за време на епизодите на парализа во сон имала искуства кои ги опишува како гледање демони.
Од психолози добила повеќе дијагнози и ѝ биле препишани различни лекови, но, според нејзиното сведоштво, не почувствувала подобрување. Во еден момент направила обид за самоубиство со лекови.
Откако нејзиниот татко престанал строго да ја воспитува според исламските правила, Надин започнала да посетува забави, каде што добивала внимание и стекнала многу пријатели. Сепак, и покрај дружењата, забавите и алкохолот, чувството на празнина не исчезнало. Таа повторно се обидела да си го одземе животот. Во потрага по смисла, почнала да се интересира за астрологија, филозофија, кристали, источни религии, ритуали, тарот карти и други духовни практики.
Подоцна работела во ноќен клуб, каде што заработувала илјадници долари. Живеела во Дубаи, имала автомобил, дом и, како што вели, сè што многумина го сметаат за успешен живот.
Но една вечер, кога се вратила дома со многу пари, си рекла: -„Имам сè, а се чувствувам мизерно како никогаш.“
Паднала на подот и почнала да плаче, молејќи се: -„Боже, кој си ти? Дали си Кришна? Дали си Буда? Дали си Мухамед? Дали си Алах? Дали си универзумот? Кој си ти? Зошто дозволуваш ова да ми се случува?“
Одлучила тоа да биде нејзиниот последен обид за самоубиство и напишала проштално писмо. Но два дена пред денот што го испланирала, ѝ пишал познаник и ја поканил да присуствува на Богослужба во црква. Кога влегла во црквата, се сретнала со девојка која претходно работела во истиот клуб. За време на проповедта, пасторот зборувал за луѓе кои на социјалните мрежи изгледаат среќни, а во себе се скршени.
Бил прочитан и стихот: -„Зашто каква полза за човекот ако го придобие целиот свет, а ја загуби својата душа.“ – Матеј 16:26.
По Богослужбата луѓето се молеле за неа, а таа се прашувала како знаат низ што поминува. Истиот ден почнала да ја чита Библијата и, како што сведочи, поминала пет до шест часа читајќи ја. Вели дека тогаш ја искусила Божјата љубов. Набргу потоа престанала да работи во клубот, го напуштила својот поранешен начин на живот и одлучила да го следи Исус Христос. Според нејзиното сведоштво, за помалку од три месеци нејзиниот живот целосно се променил. Се крстила во вода и Го прифатила Исус Христос како свој Господ и Спасител.
Кога му кажала на својот татко за својата одлука, тој ја блокирал. Сепак, таа продолжила да се моли за своите родители. Подоцна се омажила. По извесно време, нејзиниот татко повторно стапил во контакт со неа, ѝ се извинил и ѝ кажал дека ја сака. Надин му простила.
Денес таа сведочи: -„Животот со Исус не е само подобар живот, туку нов живот. Депресијата, АДХД и анксиозноста ме напуштија. Сега не ми требаат лекови. Радоста во Бога е мојата сила.“
„Содржината е базирана на јавно достапни онлајн информации, со авторска обработка и интерпретација.“
Андреј Ристовски

