Дојде нова епидемија меѓу луѓето. Покрај завист, омраза, озборување и одмазда, меѓу луѓето се појави тешка состојба која започнува со индивидуализам отсуство на свесноста за колективност и кулминира со нарцисоидност – преокупираност со себе си.
Во старогрчкатата митологија, Нарцис бил ловец од Беотија, кој беше познат по својата убавина. Тој беше исклучително горд, и ги омаловажувал оние што го сакале. Немезида го забележала ова однесување и го привлече Нарцис кај река, каде што тој го виде својот одраз во водата и се вљубил во него, не сфаќајки дека тоа е само слика. Не можејќи да ја остави убавината на својот одраз, Нарцис се удавил. Нарцис е потеклото на терминот нарцизам, фиксација со себеси.
Луѓето кои страдаат од Нарцисоидно пореметување на личноста покажуваат голема ароганција и постојана потреба за внимание, и во личниот и во професионалниот живот. Нарцисоидните луѓе или нарцисите често се опишуваат како самоуверени, себични, манипулативни и комплицирани лица. Селфи сликањето со смарт телефон честопати е одлика на нарцисоидна личност која веројатно има потреба восхитот од себе си да го презентира во јавност за да привлече внимание и можеби за момент да се искубне од осаменоста во која живее.

Огледалата во лифтовите, се исто така еден начин за луѓето да се преокупираат со себе додека се превезуваат во зградите и забораваат на времето.
„Огледалце огледалце кој е најубав на светов?“ Било на огледало во лифт или кола, или пак на селфи камера, доколку нон стоп си зависен да се сликаш себе си и гледаш, можеби е подобро да побараш помош за да не пропаднеш во замокот на осаменоста.
Оваа современа доба кулминира со осамени луѓе како плод на нарцисоидност, егоизам, индивидуализам, опасноста е што се помалку луѓето се интересираат за другите, љубовта оладува, а агресијата и суетните дејствија се во подем.
Како што ниту еден алкохоличар нема да признае дека е зависен од алкохол, така ниту еден нарцисоиден – вообразен човек нема да признае дека е самовљубен.

„Ни срам ни перде“, е карактеристична изјава на луѓето кои се очевидци на некои постапки од нарцисоидни личности, но верувам дека само Богоцентричноста може човек да го извлече од егоцентричноста, само така љубовта ќе може да го исполни секој аспект на неговото живеење и во потполна радост.
Во Светото Писмо пишува:
„Треба да знаеш дека во последните денови ќе настапат многу тешки времиња. Луѓето ќе станат себични, алчни за пари, самољубиви и горделиви. Ќе навредуваат, ќе бидат непослушни спрема родителите, ќе бидат неблагодарни и без светост. Ќе немаат љубов, ни желба да си простуваат; ќе се клеветат еден со друг, ќе немаат самоконтрола, ќе бидат свирепи и ќе му се противат на се што е добро. Ќе станат предавници, безобѕирни и вообразени. Наместо да Го сакаат Бог, на прво место ќе сакаат да уживаат во своите страсти. Навидум ќе изгледаат побожни, но тие ќе ја одбиваат силата што може да ги направи навистина побожни. Држете се понастрана од таквите луѓе!“ – 2 Тимотеј 3:1
Сликањето селфи може да биде израз на добра емоција и порака, израз на нешто кое би било добро да мотивира и даде пример, уште подобро ако промовира семејни вредности, но тогаш селфие треба да се нарече френди камера – пријателска камера.
Но остана ли место во нашето срце за другарување и пријателство?
Се надевам да, па нека тоа биде мотив од сега понатаму да сликаме и објавуваме вистински убавини од животот и да ги споделиме благословите со кои Бог не обдарил.
Извадок од книгата „Биди поинаков“ од М-р Константин Кајшаров

