Околу една недела откако Исус јасно им кажал на своите ученици дека ќе страда, дека ќе биде убиен и ќе воскресне (Лука 9:22), Тој ги одвел Петар, Јаков и Јован на планината да се молат. Додека се молел, Неговиот човечки изглед се променил во прославен облик, а Неговата облека станала блескаво бела. Притоа се појавиле Мојсеј и Илија и разговарале со Исус за Неговата смрт што наскоро ќе се случи. Петар, целиот застрашен од таа чудесна глетка, изразил желба да остане на тоа место и се понудил да изгради три колиби, т.е. сеници – за Исус, Мојсеј и Илија.
Петар веројатно мислел на сениците, што Евреите ги правеле за да го прослават празникот Сеници, како спомен од времето кога Израелците живееле во колиби направени од гранчиња, зеленило и дрва, во текот на седумте дена, како што за тоа имале заповед од законот. (3 Мојсеева 23:34–42).
Потоа се спуштил облак, кој ги обвил сите нив и се чул глас кој рекол: „Ова е Мојот Син Мојот љубимец, со Кого наполно Сум задоволен; Него слушајте Го!“ – Матеј 17:5. Откога облакот се кренал, Мојсеј и Илија исчезнале, останал единствено Исус со Своите ученици, кои сè уште биле многу исплашени.
Исус ги предупредил да не кажуваат никому што виделе, сè до Неговото воскресение.
Трите извештаи за овој настан се наоѓаат во Матеј 17:1-8, Марко 9:2-8 и Лука 9:28-36. Учениците никогаш не заборавиле што се случило тој ден на планината и без сомнение, тој настан се случил по Божја промисла и Волја.
Јован во своето евангелие ќе запише: „Зборот стана човек и живееше меѓу нас. Ние ја видовме Неговата слава – славата што Тој ја прими како Единороден Син од небесниот Татко. Тој беше полн со љубов и искреност.“ – Јован 1:14
Петар за тој настан, го напишал ова сведоштво во неговото второ послание: „Зашто кога ви ги објавивме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, ние не следевме лукаво измислени бајки, но станавме очевидци на Неговото величие. Зашто Тој прими од Бог Таткото чест и слава, кога од величествената слава Му дојде гласот: „Овој е Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината.” Ние го чувме гласот, кој дојде од небото, кога бевме со Него на светата гора.“ – 2 Петрово 1:16-18
Несомнено, целта на Христовото преобразување на начин, на кој ќе се манифестира мал дел од Неговата небесна слава била, тројцата Негови ученици да добијат поголемо разбирање за тоа, Кој е Исус Христос и како Тој ќе изгледа во Неговата слава. Учениците, кои Го познавале само во Неговото човечко тело, сега добиле можност да ја спознаат Христовата Божествена природа, која претходно не можеле целосно да ја разберат. Тоа што го виделе со своите очи, им овозможило да ја зацврстат својата вера во Исус, која им била исклучително потребна, со оглед на предстојната смрт на Исус.
Многу е веројатно дека појавувањето на Мојсеј и Илија симболично ги претставувале Законот и пророците. Затоа, Божјиот глас од небото Кој наредил: „Него слушајте Го!“ – јасно покажал дека Законот и пророците завршиле и дека е дојдено времето да Му се отстапи место на Исус Христос, Кој го исполни Законот и безбројните пророштва во Стариот Завет.
Исто така, гледајќи Го Исус во Неговата прославена форма, тие добиле увид како Тој ќе изгледа во Неговото претстојно прославување и устоличување како Цар над царевите и Господар над господарите. (Откровение 19:16)
Овие три апостоли, Петар, Јаков и Јован, кои биле сведоци на Исусовото преобразување на гората, го пренеле тоа сведоштво и на другите ученици, а преку евангелијата и посланијата, тоа сведоштво го примаме и ние, Христовите верници низ вековите.
И како што Петар, Јаков и Јован не останале исти после тоа доживување, нека и сите ние кои сме Христијани, преку нивните запишани сведоштва да станеме посилни во верата, да останеме вкоренети во Божјото Слово и да Му дозволиме на Светиот Дух да нѐ трансформира во еден благ, нежен и постојан процес.
„Не сообразувајте се со световните луѓе, туку допуштете Бог однатре да ве преобрази така што Тој ќе го промени начинот на кој размислувате. Тогаш ќе можете да согледате што сака Бог да правите, што е добро, пријатно и совршено.“ – Римјаните 12:2
„Сигурен сум дека Бог, Кој ја започна оваа добра работа во вас, ќе продолжи да ја води, се додека не ја заврши, на денот кога Исус Христос повторно ќе дојде.“ – Филипјаните 1:6
Подготвил: Душанка Петрова

