Очевидци

Средба што остана засекогаш во срцето

Седев на горниот кат од двокатниот автобус, во оној мирен дел од денот кога мислите лесно талкаат. Од мојата страна, скромно и ненаметливо, седеше дете со Даунов синдром, придружено од своите родители кои со љубов и грижа го опкружуваа. Таа глетка со својата едноставност и чистина веднаш го допре моето срце.

Без да се свртам, без да покажам знак или да изговорам збор, во тишината на мојата душа почнав да се молам на Господ Исус Христос. Со затворени очи, со срце полно со сочувство, Му ги доверив моите молби: за здравје и заштита на тоа дете, за мир и радост во неговиот живот, за љубовта Божја да биде постојан пламен во неговото семејство.

Минутите минуваа, а молитвата течеше како река што не бара зборови. И тогаш, ненадејно, детето стана од своето место. Со чекори полни со невина решителност, се приближи до мене и ме гушна. Тоа беше гушкање без зборови, но со сила што не може да се опише – како да самиот Господ да ја испрати таа прегратка како одговор на мојата молитва. Ја возвратив прегратката со благодарност и радост, свесна дека Божјата љубов е жива, дејствува и допира дури и од далечина.

Тој миг остана засекогаш впишан во моето срце. Прекрасен, светол, благословен. Момент што сведочи дека сите луѓе, без разлика на нивната состојба, ја чувствуваат Божјата љубов – љубов што не бара зборови, не бара допир, а сепак допира и преобразува. Особено луѓето со едноставност и чистина, како тоа дете, ја примаат љубовта како најголем дар.

Благодарна сум на Бога што сум дел од Христијанската црква „Блага Вест“ во Скопје, каде што под водство на моите духовни водачи, пасторите Епископ Константин и Милена Кајшаров, учиме да живееме вистинско христијанство – не само како збор, туку како дело, како вера што се претвора во практика. Под водство на Светиот Дух, учиме да ја препознаваме Божјата љубов во секојдневието, во секој поглед, во секоја прегратка. Овој настан е сведоштво дека Христос е жив и дека Неговата љубов е безгранична. Таа љубов се прелева преку нас, допирајќи ги срцата на оние околу нас, дури и кога молиме во тишина. И токму во таа тишина, во таа скриена молитва, се случуваат најголемите чуда.

Подготвил: Софија Кузмановска

Можеби ќе ви се допадне

Очевидци

Повик кој го спаси животот на мајка ми

  • 24.02.2026
Повик за помош кој никогаш нема да го заборавам, зборови кои никој не сака да ги слушне и не ги
Очевидци

Докторите и предвидуваа само уште два дена живот, но се случи нешто натприродно

  • 25.02.2026
“Ѝ останаа уште два дена живот на вашата ќерка” – овие зборови точно на полноќ како ехо одекнуваа низ празниот