Kога човек има љубов во срцето, секогаш постои можност да ја покаже во дела. Еден од начините е и преку гостољубието, кое претставува чин на споделување и градење заедништво со другите луѓе.
Гостољубието е прекрасна карактеристика на човекот, доколку тоа е искрено и од срце. Колку е само убаво да се отвори некому својот дом, кој претставува најинтимното катче на човекот, во кое тој се чувствува најсигурно, сакано, исполнето. Домот е всушност нашето срце. И кога некого примаме во нашиот дом, ние го отвараме и нашето срце.
Понекогаш луѓето можат да кажат дека се гостопримливи и дека нивниот дом е постојано отворен, но мотивите на нивното срце да не се искрени. Односно да се канат луѓе за задоволување на некој интерес, гостопримство со калкулации, љубопитност, озборување, лицемерие, гозби со опивања и други неполезни нешта, правење зло, заговори против некого, односно дружење кое не дава плод, туку кое ја изморува и ја загадува душата. А тоа не е полезно за никого и наместо да го зацврстува пријателството, води кон пропаст за себе и другите. Ете, такво не треба да биде гостољубието, тоа и не може да се нарече чин на љубов и длабоко пријателство.
Гостољубието е неоткинлив аспект од Христијанската практика. Христијаните се повикани својата вера да ја манифестираат преку делата, по примерот кој Исус ни го покажа.Тој ги канеше луѓето да седнат и да вечераат со Него. Така и гостољубието кое го практикуваат христијаните треба да им го поттикнува срцето кон Богоцентричност, а не кон егоцентричност и индивидуалност.
Втората заповед во Новиот Завет е: „Љуби го ближниот како себе си“. Тоа значи да го довериш своето срце некому, да поделиш од тоа што го имаш, да примиш благослов од Бога, можност да разговараш за духовни теми кои се за изградување и зацврстување на личноста во Бога. Има многу примери во Библијата за гостољубие и во Стариот и во Новиот Завет. Токму Лидија, која беше македонка им укажуваше гостопримство на луѓето во нејзиниот дом.
Како да пристапиме со отворено срце и отворен дом?
Важна е чистината и мотивите на срцето. Да имаме срце ослободено од комплекси и светски грижи што ќе кажат другите. Она кое најмалку е важно, колку ќе не чинат гостите, колку ќе потрошиме за храна, бензин, средства за чистење, дали имаме доволно простор во домот, дали е модерно уреден. Важно е сè што имаме да биде во служба на Бога. Бог е Тој кој обезбедува и ако ние сè што имаме Му довериме Нему, Тој ќе преумножува во нашиот живот и љубов и здравје и радост и материјални средства. Само Бог го познава во целост нашето срце и знае што пребива во него. Секоја духовно созреана личност се стреми кон вистинско гостољубие со радосно срце.
Дружењето во домот е поразлично од она кое е надвор, во кафулињата, се чувствува поголема топлина и блискост. Каде е нашето срце, таму е и нашето богатство. Да бидеме гостољубиви кон другите и да споделиме од нашата љубов, време, храна, зошто пишано е во библијата:
„Не го заборавајте гостољубието, зашто некои преку него, без да знаат, примија ангели на гости!“ – Евреите 13:2
Маја Јовевска

