Очевидци

Лекарите рекоа „нема надеж“, а мојот живот доби нова страница

Уште како дете живеев во страв од строгите родители. Бев едно од осумте деца во семејството – имавме храна, облека и кров над глава, но зборот на татко ми беше закон. Како што ќе каже тој, така мораше да биде. Ме омажија за човек од добра фамилија, и тоа беше одлука што мораше да се испочитува.

Животот во бракот не беше лесен – постојан стрес, страв и тешки ситуации. Се родија три деца, и си велев: „Ајде, заради нив ќе издржам.“ Но еден ден, на лекарска контрола ми кажаа дека имам рак од трети степен. Стравот беше огромен. Се јавив кај ќерка ми, која одеше во Христијанската Црква Блага Вест, да им каже да се молат за мене.

Отидов со неа во црквата, пасторот Константин Кајшаров се молеше за мене, и по извесен период, по сите контроли, ракот исчезна.

Потоа настапи пандемијата. И мене ме зафати тешка форма на корона вирус, завршив во болница на кислород, со тешка опструкција на белите дробови и многу лоши резултати од крвните анализи. Лекарите им рекоа на моите деца дека тешко ќе се извлечам, бидејќи имунитетот ми беше ослабен од претходната болест. Но повторно, мојата ќерка побара молитва од пасторот Константин.

Иако пристапот до пациентите беше забранет, Бог овозможи на чудесен начин да ми се донесе Господовата Спомен вечера и помазание со масло. Веднаш почнав да се опоравувам, дишев без кислородна поддршка, јадев, анализите се подобруваа. За кратко време излегов од болница, целосно исцелена.

Се до скоро живеев најнормално, кога одеднаш добив мозочен удар – раката, ногата и целата лева страна ми се парализираа. Лекарите ја потврдија дијагнозата, примав терапија и инфузии, а потоа ме пуштија на домашно лекување.

За мене се молеа пасторите и служителите од „Блага Вест“. Една вечер, додека лежев будна, собата се осветли како со најсилно сонце. Се појавија три високи мажи во бели облеки, а со нив и уште еден – налик на Божјиот Син, Господ Исус Христос. Трите мажи три пати ми го земаа ќебето, а јас три пати се покривав. Четвртиот пат, Христос ме откри целосно – и исчезнаа.

Следниот ден раката и ногата ми се отпуштија, почнав да се движам и да одам до тоалет без помошни средства. Тоа за мене беше огромно олеснување.

Фала Му и Слава на Господ Исус Христос за сè што направи во мојот живот. Голема благодарност и до моите пастори Константин и Милена, како и до сите служители кои се молеа за мене: пасторите Јуле и Николче Спировски, пастор Ќамил, Маја Димитријевиќ, Симона Шошолчева и многу други.

Од денот кога Симона ме посети во болница и ме помаза со масло, сите што беа со мене во собата посакаа да слушнат за Исус. Им сведочев за силата и моќта на Христос, и стекнав прекрасни пријателки со слични судбини.

Слава на Бога за сè! „Сè можам преку Христос, Кој ми дава сила, и сè содејствува за добро на оние кои Го љубат Бога.“

Нада Кипевска

Можеби ќе ви се допадне

Очевидци

Повик кој го спаси животот на мајка ми

  • 24.02.2026
Повик за помош кој никогаш нема да го заборавам, зборови кои никој не сака да ги слушне и не ги
Очевидци

Докторите и предвидуваа само уште два дена живот, но се случи нешто натприродно

  • 25.02.2026
“Ѝ останаа уште два дена живот на вашата ќерка” – овие зборови точно на полноќ како ехо одекнуваа низ празниот