Господе мој, Ти сѐ знаеш и јас пред Тебе ги признавам сите мои слабости и грешки кои ги вршев и потоа искусував вина и тежина. Сега знам дека тие слабости не ме дефинираат и јас не се идентификувам преку нив, зашто по Твоја благодат сум спасен, покриен со крвта на Господ Исус Христос преку која сум очистен од грев, осветен, оправдан и преку Неговите рани сум исцелен целосно.
Во овој миг се одрекувам од секоја телесна и грешна навика која ме водеше во лицемерие и бунт кон Тебе Господе, за коешто жалам и се кајам.
Сега победата на Господ Исус Христос извојувана на крстот, која е победа над гревот, над смртта, над ѓаволот, ја носам и разгласувам во сите области на мојата личност. Твојата Светлина продира во мене, ме осветлува и темнината неможе да ме опфати. Јас сум оправдан/а преку Христос по Милоста на Бога и ќе царувам во животот, Бог ме љуби и јас сум едно со Христа. Врз мене нема сила ниту телесниот нагон, ниту навиката да грешам, ниту порочните навики на мастурбација, тутунопушење, прејадување, лакомство, лажење, озборување. Врз мене немаат влијание, ниту демонските сили, ниту изговорите како оправдување за извршениот грев, јас пред Тебе Господе целосно се откривам и Ти благодарам што Твојата љубов е посилна од моите слабости. Само Ти Господе имаш влијание врз мене, само Тебе ти припаѓам и никој неможе да ме откине од Твојата рака.
Не сакам повеќе да грешам, ниту да сум роб на грешните навики, затоа се откажувам од безбожноста и светските похоти и одлучувам дека сакам да живеам разумно, праведно и побожно. Свети Душе, Ти ме утешуваш и ми даваш уверување дека сум Божјо дете, но сега Твојата сила излеј ја врз мене изобилно, зајакни ми ја волјата за со авторитетот на Господ Исус Христос да се противам на сѐ што ме оттргнува од Божјиот пат.
Јас ти го посветувам моето тело да е Твој Храм, ти ги посветувам моите органи(наброј ги сите органи преку кои си вршел грев како очите кои гледаат завидливо и похотно, или рацете со кои си вршел мастурбација или устата ако си пцуел, лажел или колнел) направи ги Господе да бидат оружје на Божјата праведност.
Јас објавувам дека посилен е Бог во мене отколку оној во светот. Исус ме избави од секакво беззаконие, ме очисти за Него и се застапува за мене. Тој не се откажува од мене, Тој е мојот Пастир по Кого одам, живеам, Го слушам и следам.
Слава Ти Господе Татко Небесен во Името на Исус. Амин.
Извор: “Победувај со Емануел” од Константин Кајшаров

