Во време кога духовноста сѐ почесто се меша со практики што ветуваат брзи одговори за иднината, меѓу луѓето расте една опасна заблуда што предизвикува конфузија и поделби: изедначувањето на пророкувањето со гатањето. Оваа споредба не само што е неточна, туку и духовно опасна.
Во контекст на ова можеби е време да се запрашаме себеси дали навистина знаеме што значи да се слушне порака и од каде таа доаѓа?
Пророкувањето и гатањето се сосема различни, но и двете доаѓаат од натприродниот свет, односно од четвртата димензија. Клучната разлика е во изворот, едното доаѓа од Бога, а другото од ѓаволот.
Гатањето не е духовен дар, туку практика на демонските учења на паганизмот и окултизмот која била присутна низ историјата во различни култури и таа го оттурнува човекот од вистината и довербата во Бог. Дури и Светото Писмо, во Стариот Завет дава директно предупредување против гатањето и слични такви практики, кои се опишани како нешта што се опасни и не се прифатливи пред Бога.
Во обид да се открие иднината преку различни методи, од гледање на рака и тарот карти, па се до разни ритуали и толкување на знаци, гатањето создава илузија на контрола врз иднината и го врзува човекот за несигурни извори.
Иако навидум изгледа како безопасна работа, гатањето “игра на картата” на човечката слабост и неизвесноста за иднината, со нагласен страв од непознатото и желбата за контрола и манипулација врз човечката судбина.
Имено, оние кои се занимаваат со оваа практика, во која, покрај гатачите спаѓаат и бајачите, јасновидците, сите кои се бават со астрологија која не е астрономија, се личности кои работат за лична заработка и себеиздигнување, правејќи да бидеш зависен од нив.
Дополнително тоа го потврдува и Светото Писмо, каде пишува :
„И така, не слушајте ги своите пророци, гатачи, сонувачи, своите ѕвездари-астролози и волшебници кои ви зборуваат: „Не, вие нема да му служите на вавилонскиот цар!” Зашто тие ви пророкуваат лага само за да ве оддалечат од вашата земја, за да ве истерам па да пропаднете.” – Еремија 27:9-10
Луѓето кои барем еднаш во животот биле на вакви места најчесто ја користат изјавата – „сѐ што ми кажа беше точно”, не разбирајќи ја подлабоко суштината од каде доаѓаат тие информации. Поради тоа, после извесно време, истите тие луѓе се соочуваат со двојно поголеми проблеми и ситуации кои ги водат во амбис, а ова е потврдено од многу очевидци кои сето ова го искусиле на своја кожа.
Од друга страна, пак, гледано и потврдено низ призмата на Светото Писмо, пророкувањето се разбира како дејствување на Светиот Дух преку кое се прима и пренесува Божја порака со јасна и конкретна цел: духовно изградување, охрабрување и утешување на поединецот или заедницата кон која е упатена.
Додека гатањето се темели на човечка интуиција, техники или окултни практики, пророкувањето се дефинира како духовен дар, кој произлегува исклучиво од Светиот Дух, со што на овој начин се воспоставува јасна дистинкција помеѓу нив.
Пораката што се пренесува преку пророкувањето не служи за задоволување на човечката љубопитност, туку има трансформативна димензија. Таа директно го допира срцето на човекот, повикувајќи на лична промена, духовно преиспитување и приближување кон Бога. Во тој контекст, пророкувањето не е само духовна практика, туку и одговорна служба за Бога. Таа подразбира внимателно распознавање и правилно пренесување на она што се добива како Божја порака, насочена кон доброто на другите.
Дополнително, за разлика од перцепцијата дека гатањето е резервирано за ограничен круг „посебни“ поединци, христијанството поучува на тоа дека пророкувањето како духовен дар е достапен за секој верник. Според ова учење, секој што верува во Господ Исус Христос е повикан да го развива и практикува овој дар, во согласност со Божјата волја.
Менторството и обучувањето, кое е во насока на правилно користење на дарот на пророкување, не се споменувало долго време на овие простори, бидејќи оваа тема сама по себе е доста непозната за македонската јавност.

Епископот Константин Кајшаров, кој е и Пастор на Христијанската Црква Блага Вест во Р.М., во јавноста се споменува како еден од ретките кои јавно ја отвораат темата за пророкувањето и духовното гледање во рамки на христијанската наука.
Тој е автор на книгата „Стани гледач“, која по објавувањето предизвика различни реакции и коментари во јавноста. Дел од читателите ја оценуваат како детално разработен прирачник, кој, според нив, нуди Библиски поткрепена анализа и прави разлика помеѓу гатањето и духовното гледање, со насоки разбирливи за секој читател.
Во книгата, Кајшаров пишува дека покрај физичките, луѓето поседуваат и „духовни очи“, кои, како што наведува, треба да се развиваат за да овозможат примање и разбирање на духовни виденија. Според него, овој процес се темели на делувањето на Светиот Дух и има за цел продлабочување на личната вера и зависност од Божјото водство.
Покрај авторската работа, во Христијанска Црква Блага Вест во Р.М. Константин редовно организира обуки и семинари посветени на темата за пророкување и неговата примена во секојдневниот живот. Учесници на овие настани изјавуваат дека стекнатите искуства имале значително влијание врз нивниот личен и духовен развој.
Пораката е јасна и недвосмислена: пророкувањето не е гатање, бидејќи овие две нешта се духовно спротивставени.
Линијата помеѓу нив не може да се избрише, бидејќи едното те води кон вистина и промена, а другото те држи во илузија.
Јулијана Спироска

