Очевидци

Имавме планови за цел живот, но животот имаше други планови

Животот понекогаш носи моменти што целосно го менуваат текот на приказната за која сме верувале дека ќе ја живееме. Само шест месеци по нашата венчавка, наместо да ги градиме соништата за заедничка иднина, како гром од ведро небо дојде вест што промени сè – метастазиран карцином во четврта фаза.
Она што требаше да биде почеток… одеднаш почна да личи на крај на сè, за што мечтаевме.
Само што почнуваш да градиш дом – а веќе учиш како да живееш без него.
Само што почнуваш да сонуваш за утре – а утрето станува нешто од кое се плашиш.

И тогаш доаѓаат прашања на кои никој не може да ти даде одговор:
Зошто баш сега? Зошто баш ние? Како понатаму?

Љубовта со него дојде тивко и природно… како да требало така да се случи. И пред да станеме свесни колку сме среќни, ја крунисавме со брак. Сонувавме за едноставни нешта, дом, заеднички утра, патувања, иднина што ќе ја градиме чекор по чекор. Верувавме дека најдоброто допрва доаѓа.
Но животот… имал друга приказна, не онаа што ја планиравме. Приказна во која болката не исчезнува веднаш, во која загубата остава трага што не може лесно да се избрише.
Во тие моменти, кога се чувствував скршено, кога тишината чиниш убиваше со својата тежина, а одговорите никаде ги немаше – единствената вистинска утеха, сила и надеж ја најдов во верата во Господ Исус Христос. Неговата благодат, тивко ме подигна и ми даде сила да продолжам понатаму.

Низ сето тоа, помош, охрабрување, насоки, грижа и молитвена поддршка добивав од моите Пастори Константин и Милена Кајшаров, од мојата Црква Блага Вест во РМ, од браќата и сестрите по вера. Нешто навистина скапоцено – љубов што се чувствува и раце што не те пуштаат кога паѓаш.

Денес сведочам дека, празнината и пукнатината во срцето може да ја исцели и состави единствено Господ Исус Христос.
Сфатив дека дури и кога животот се распаѓа и кога не ги добиваме одговорите на прашањата што ги бараме – не значи дека сме оставени сами.
Сфатив дека можеби Бог не ја менува секогаш ситуацијата – но нè менува нас низ неа.
Можеби не ја добив приказната што ја сонував,.. но добив сила која што ме зацврсти и вера што остана непоколеблива, без разлика на околностите.
Изгубив многу… но не Го изгубив Христос и тоа ми беше доволно за да се исправам и да продолжам.

Ана Божинова

Можеби ќе ви се допадне

Очевидци

Повик кој го спаси животот на мајка ми

  • 24.02.2026
Повик за помош кој никогаш нема да го заборавам, зборови кои никој не сака да ги слушне и не ги
Очевидци

Докторите и предвидуваа само уште два дена живот, но се случи нешто натприродно

  • 25.02.2026
“Ѝ останаа уште два дена живот на вашата ќерка” – овие зборови точно на полноќ како ехо одекнуваа низ празниот