Neymar da Silva Santos Junior е професионален фудбалер од Бразил, роден на 5 февруари 1992 година во Mogi das Cruzes, São Paulo, Brazil. Како еден од најпознатите фудбалери во светот, Нејмар со години е во центарот на вниманието поради своите настапи, но и поради тоа што отворено зборува за својата вера во Господ Исус Христос.
Иако зад себе има бројни трофеи, индивидуални признанија и огромна светска популарност, Нејмар во повеќе наврати истакнал дека својот успех не го гледа како лична заслуга, туку како дар од Бог. Во интервјуа нагласува дека токму верата му помага да остане скромен, благодарен и цврсто насочен кон вистинските вредности, без оглед на притисокот што го носи професионалниот спорт.
Според неговите сведоштва, темелите на верата биле поставени уште во неговото детство. Тој растел во семејство во кое благодарноста кон Бог и духовните вредности биле дел од секојдневниот живот. Особено влијание врз неговиот развој имал неговиот татко, кој, покрај тоа што го водел низ фудбалската кариера, му всадил дисциплина, одговорност и силен карактер.
Еден од највпечатливите моменти во неговото јавно сведочење се случило во 2015 година, кога по освојувањето на UEFA Champions League со FC Barcelona, Нејмар прославувал носејќи лента со натписот „100% Jesus“. Фотографиите од таа прослава го обиколија светот и станаа еден од најпознатите симболи на неговата вера.
Само една година претходно, за време на Светското првенство во Бразил, Нејмар доживеал една од најтешките повреди во својата кариера. По силен удар во грбот бил изнесен од теренот со големи болки, а лекарите утврдија дека има фрактура на пршлен. Подоцна објаснија дека повредата можела да има многу потешки последици и дека само неколку сантиметри го делеле од трајно оштетување на ‘рбетот.
По закрепнувањето, Нејмар во повеќе интервјуа изјави дека верува оти Бог го заштитил во тие моменти. Често повторуваше дека „Бог ме спаси од нешто многу полошо“, нагласувајќи дека, покрај медицинската помош, токму верата му дала сила да го помине тој тежок период. Истовремено изразуваше благодарност што закрепнал без трајни последици.


Во текот на тој период, Нејмар јавно споделуваше и библиски стихови:
„Постојано молете се и барајте, онака како што ве води Светиот Дух. Бидете будни и истрајно молете се за сите христијани.“ – Ефесјаните 6:18
„Бидете секогаш радосни, постојано молете се.“ – 1 Солунјаните 5:16–17
„Се што ве вознемирува препуштете Му го Нему. Тој се грижи за вас.“ – 1 Петар 5:7
Една од неговите најпознати објави на социјалните мрежи е од 11 февруари 2014 година, кога напиша:
„A vida só tem sentido quando o nosso ideal maior é servir a CRISTO!“ Што во превод значи:
„Животот има смисла само кога нашиот највисок идеал е да Му служиме на Христос.“
Во текот на својата кариера, особено во периодот кога настапувал за Barcelona, PSG и бразилската репрезентација, Нејмар често е забележуван како се моли пред почетокот на натпреварите. На Светските првенства во 2014 и 2018 година, камерите повеќепати го снимиле како се моли со своите соиграчи во тунелот непосредно пред излегувањето на теренот.
Во последните години неговата кариера е обележана и со бројни повреди. Поради повреди на лигаменти, зглобови и мускули пропуштил голем број важни натпревари и за клубовите и за бразилската репрезентација. Иако не е официјално најповредениот фудбалер во историјата, Нејмар важи за една од најпогодените светски фудбалски ѕвезди во современиот фудбал. Сепак, и покрај сите предизвици, тој продолжува јавно да сведочи дека е благодарен на Бог за секој ден, секоја можност и секое ново враќање на теренот. Денес, во 2026 година, Нејмар повторно е дел од светската фудбалска сцена, мотивиран повеќе од кога било. А секој нов чекор го доживува како нова причина за благодарност и надеж и вера во Господ Исус Христос.
„Содржината е базирана на јавно достапни онлајн информации, со авторска обработка и интерпретација.“
Андреј Ристовски

