Човек копнее, бара, трага по љубовта, трудејќи се да ја најде онаа вистинската, која не познава граници, која сочувствува, прегрнува, заштитува….
И токму кога мисли дека ја нашол и гнездото свое го свил, очекувањата едно по едно се нижат, а по нив и разочарувањата за нештата кои не тргнале според замислите. И како целата среќа да се лизнала под прстите…
-Јас сум добар човек, ќе каже некој, толку многу се вложив и посветив, колкава ли љубов подарив, а за возврат само разочарување добив.
Но, љубовта не се мери и споредува, туку треба да се дарува, без очекувања и разочарувања.
Еден ден, нема да не помнат по љубовта која сме ја примиле, туку по љубовта која сме ја дариле, која стоплила нечие срце, љубовта која долго трпела и била милостива, не завидувала и не се фалела, не се вообразувала и однесувала непристојно, не го барала своето и не се раздразнувала, не држела сметка за зло и не и се радувала на неправдата, туку секогаш на вистината.
Е таквата љубов, не познава граници и ги руши сите бариери. Таа љубов остава траен печат во срцето и ја милува душата, бидејќи доаѓа од Бога, од нашиот Господ Исус Христос, Кој е добар, верен, праведен и милостив.
Кога ќе го примиме во нашето срце, тогаш Неговата љубов целосно не исполнува, до прелевање, не променува и однадвор и одвнатре. Стануваме поубави и по неа не препознаваат. И разбираме зошто постоиме. И се радуваме, зошто можеме со таа љубов да делуваме и мразот во нечие срце да го стопиме.
“Та преку вера да се всели Христос во вашите срца; да бидете вкоренети и засновани во љубовта: за да можете да сфатите со сите свети, што е ширина и должина, и височина и длабочина, и да ја познаете Христовата љубов, која го надминува знаењето; за да се исполните во целата Божја полнота.”
Ефешаните 3:17-19
М.Ј

