Скандали

Кога тргнав да се фрлам под воз поради прељуба – тогаш се случи чудо

„Бев сама, мажот ми вози камион со месеци низ Германија, не знам што ми стана, но наеднаш кога ми се нафрли пријателот како да не можев или како веќе да не сакав да се тргнам. Тој ни беше куќен пријател, женет, а јас како во депресија, децата се деца, немав со кого муабет да направам. Таа ноќ згрешивме, го изневерив сопругот, кога се освестив се чувствував гнасно, мизерно, плачев, но тоа чувство не поминуваше. Се капев, се триев но се чувствував како децата да сум си ги предала, ужасно болно, се каев и се тепав, како можев толку лесна да бидам. Во тој афект за малку ќе ги пресечев вените, но се сетив на децата, се соземав. Пријателот замина и беше циничен како задоволен и со потсмев. Решив никогаш да не го пуштам дома.

Поминуваа деновите, но совеста посилно ме печеше, ни јадев ни спиев, на крај отидов во Православната Црква да се исповедам. Отецот беше сериозен и во солзи си ја отворив душата и сакав да знам дали Господ ќе ми прости.

Ах Константин ужасно ми е, се срамам. Додека се исповедав при крајот, во неочекуван момент овој стана и се развика. Бев во шок, имаше две жени во храмот, тие се слушнаа, во Црквата одекнуваа зборовите: „ова е свето место, како си дошла овде грешнице, расипана и неморална, жена како тебе местото и е во пеколот“. Тие зборови, тој срам, во моментот посакав да умрам, немав крв во себе, не знаев како да станам, но наеднаш Отецот почна да ме брка, урлаше и ме бркаше. Станав и со трчање заминав, кога се одалечив застанав позади една гаража и се исплакав и одново се удирав по глава. Се замразив и решив дека за мене нема спас, одлучив да се фрлам под возот, тргнав брзо кон шините за да не се предомислам и наеднаш ѕвони мобилниот, застанав, се сетив на децата.
Помислив дека тие ми ѕвонат, но беше една пријателка и се јавив и не можев да зборувам бидејќи плачев на глас, таа се исплаши и рече дека ќе дојде по мене. За 5 минути дојде со такси, ме зема и отидовме кај неа. Кога ме праша што ми е, се и раскажав и плачев. Таа заплака со мене, ме прегрна и кога се смирив, ми даде топла супа. Потоа рече дека она познава човек кој може да ми помогне, ми објаснуваше за вас и дека таа кога била болна дошла кај вас и вие сте и читале од Светото Писмо, потоа сте се помолиле и нејзе и поминала болеста. Така дојдов. Сега знаете се за мене, јас сега сум посвесна за се и тешко ми е да се доживувам како лесна жена, вината ме пече, мажот ми се враќа од пат следната недела, дополнителен страв ми е ако дознае за изневерата. Но како да скријам? Има ли излез од ова?

Весна, Му благодарам на Бога што те сочувал од самоубиство бидејќи тогаш не би бил сигурен дека ќе имаше било какво позитивно решение. Жал ми е што си доживеала негативно искуство со свештеникот, но знам дека Најголемиот Првосвештеник Исус Христос не постапи така кога пред Него донесоа жена фатена во прељуба. Оваа жена заради гревот според законот на Мојсеј требаше да биде јавно каменувана до смрт.

Еве ќе ти го прочитам ова од Светото Писмо, а тука е опишан твојот излез од ситуацијава:

Вероучителите и фарисеите доведоа една жена што беше фатена во прељуба, па откако ја поставија насреде, Му рекоа: „Учителе, оваа жена е фатена на дело како врши прељуба. Во нашиот Закон Мојсеј заповедал таквите жени да бидат каменувани. Што велиш Ти?“ Тие Му го рекоа ова на Исус за да видат што ќе стори, надевајќи се дека ќе има за што да Го обвинат. Исус се наведна и почна со прстот да пишува по земјата. Но бидејќи тие упорно Го прашуваа, Тој се исправи и им рече: „Тој што меѓу сите вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!“ Потоа повторно се наведна и продолжи да пишува по земјата. Кога обвинителите го слушнаа тоа, еден по еден почнаа да си заминуваат, на чело со старешините, се додека не останаа само Исус и жената, која стоеше на средината. Исус се исправи и ја праша: „Жено, каде се луѓето што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“ „Никој, Господине!“ – Му одговори таа. „Тогаш ни Јас не те осудувам; оди си и отсега не греши“ – и рече Исус.“ – Јован 8:3

Кога ги подигнав очите, Весна плачеше, таа ме погледна и тогаш на глас почна да плаче. Не можеше да се смири, ги прими зборовите на Исус и прошката од Него ја чистеше внатрешно, беше болно, но исцелително. Буквално гледав како Живото Слово Божјо ја ослободува од агонијата, болката вината и гревот. Тогаш и реков:

„Ако веруваш во Исус, тогаш имаш прошка на гревовите и штом Тој ти простува, сега продолжи напред и не греши повеќе. Всушност кога знаеш дека ти е простено не сакаш да грешиш, а кога трпиш обвинување одново се сопнуваш. Нека Неговата љубов те води во чистота и праведност.”

Весна сеуште плачеше, но очите и станаа сјајни, беше променета, кога си дојде на себе рече:

„Константин, мене Исус ми простува и јас му простувам на свештеникот што ме исфрли, но си простувам и на себе си и на пријателот. Само сега молете се за мене, јас ова што го чувствувам во срцето ме тера да бидам искрена и да му кажам на мажот ми, а Господ нека помага. Ви благодарам, јас имав слушано многу убави работи за вас, но и муабети дека сте водач на секта и слично, но јас нешто Божествено сега примив и ова е од Бога, вие дури не ме ни допревте, а јас сум како нова. Многу благодарам, фала на Бога, а вие да сте благословени.“

Ја охрабрив во одлуката и Весна си замина. Се молев за неа, знаев дека тоа што се случи само со читањето на Светото Писмо, дека ќе донесе излез од целата состојба.

По две седмици Весна дојде, но беше со сопругот. Се поздравив со него, тој беше насмеан и пријатен човек благонаклонет кон мене, тој остана во чекалната, а Весна влезе во канцеларија и раскажа:

„Се врати сопругот, истата ноќ се му раскажав, плачев но бев храбра, потоа му кажав што поминав и како поминав кај вас. Тој ме гледаше цело време, но не беше вознемирен само ронеше по некоја солза. На крајот ми рече дека пријателот му се јавил и му кажал за гревот исмевајќи му се и му признал дека така постапил за да му врати што маж ми наводно му ја земал турата со камионот. Мажот ми се нервирал после тој разговор со него и плачел и се чудел ако е вистина што да прави со мене. Но тогаш си рекол дека ако му скријам за изневерата дека тоа ќе значело да ме остави, а ако сама сум му кажела се, дека ќе ми прости и ќе сфати дека тоа сценарио е план на пријателот кој очигледно не е пријател. На крај ме гушна и ми прости, плачев од љубов, срам и тага, но и од радост, тој плачеше исто со мене и на крајот ми рече да го запознаам со вас. Сега ако може на 1 минута видете се.“

Јас бев восхитен од чудесното исцелување на овој брак преку Словото Божјо и потврдив дека сакам да се видам со Ненад. Ненад влезе и рече:

„Господ да ве благослови, јас сум благодарен што мојата жена не е под земја и што децата ќе си растат со двајцата нас, благодарение на утехата и советот од вас Константин. Многу ви благодарам што вашиот збор донесе лек во нашиот живот.”- потоа тивко заплака и ги криеше солзите. Не можев да ги сокријам ни моите солзи, беше трогателно, го прегрнав и му реков:

„Ненад, Исус е зборот кој ти го исцели бракот, Тој е лекот, јас сум благодарен што Тој ве исцели, сета Слава Му припаѓа Нему. “

Човекот климна со главата, се заблагодари и потоа си отидоа.

Ова семејство си замина со моите совети:

– да се молат заедно и да Го издигнуваат името на Господ Исус Христос

– да читаат Свето Писмо за да разберат колку е чудесна Божјата благодат и да доаѓаат на нашите беседи кога можат.

Овие луѓе продолжија со обновена љубов, се нановородија и живеат прекрасно. Тие се преселија во Германија, но се прибраа во семејството на Божјите луѓе. Какво чудесно исцелување.

Не ми е грижа дали некој ќе ме суди или не, само ми е важно да бидам од полза за душите на луѓето. Зборувањето јавно за Исус има цена, те осудуваат дека си забеган, секташ и што ли веќе не, но што е тоа во однос на цената што Исус ја плати за ние да бидеме спасени.

Колку е чудесна Божјата Благодат, како чудесно исцелуваат зборовите на Исус кои се вистина и носат живот.

Слава ти Господе.

Извадок од книгата „Биди поинаков“ од М-р Константин Кајшаров

Можеби ќе ви се допадне

Скандали

Кој го уби Џон Кенеди!?

  • 14.03.2026
Според официјалните информации убиството на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди, е извршено во Далас, Тексас на 22 ноември 1963 година,
Скандали

Тинејџерка-вештерка која „требало да биде мртва“ преминала од фрлање магии кон обожување на Исус

  • 30.03.2026
Сара Ан Сумполек некогаш била фасцинирана од магии и тарот карти – сè до средбата со Исус, која комплетно ја