Потсетувајќи за духовниот авторитет и пораката дека верникот не е повикан да биде пасивен гледач на околностите, туку да дејствува со вера и со авторитет што го има во името на Исус, продолжи вториот дел од серијалот на проповеди ,,Божјиот авторитет”. Посебен акцент Епископ Константин Кајшаров стави на Мамон – демонот на парите и неговото влијание врз човекот, поставувајќи едно суштинско прашање – Кој навистина има власт во животот на верникот, Бог или парите?
Парите се добар слуга, но лош господар! И човек може да ги има во изобилие, но проблемот настанува кога ќе почне да ги сака повеќе од Бога и ќе им дозволи да го заземат Неговото место во срцето. Затоа, не е важно колку човекот има, туку кој господари во неговото срце!

Словото во Матеј 6:24 јасно потсетува: „Никој не може да им слугува на двајца господари: зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамон.
Темата го опфати и прашањето – Како да се неутрализира влијанието на Мамон, а посебно внимание беше ставено на давањето и почитувањето на Бога преку првините, како израз на доверба и правилно поставени приоритети.

Во рамките на Богослужбата, всушност на самиот почеток, сестра Душанка говореше за сличностите и разликите во разбирањето на Бог во различните религии, додека на крајот, Богослужбата заврши со Господова Спомен Вечера и радосно прославување на Господовото име, насочувајќи го фокусот кон Христос!

