Еврејската Нова Година позната уште како Рош Хашана или Празник на трубите оваа година ќе се одбележи од петок, 11 септември на зајдисонце, до недела, 13 септември на зајдисонце.
Бројни пророци алармираа дека Господовото враќање по Црквата може да се случи во било кое време од времетраењето на овој празник, особено кога ќе затруби последната труба.
Како што нѝ одѕвонува стихот од книгата на пророкот Јоил: „Трубете во труба на Сион! Дајте тревога на светата ми гора! Нека треперат сите жители на земјата, зашто доаѓа Господовиот ден. Да, тој е близу.“ – Јоил 2:1
Овој повик е јасен и моќен – времето е кратко, а Господ тоа го најавува преку случувањата во светот.
Светот денес ја гледа исполнетоста на многу библиски пророчки знаци:
- Израел повторно стапи на светската сцена после околу 2000 години непостоење, исполнувајќи ги ветувањата од Второзаконие 30:3 дека оваа земја повторно ќе биде населена: „Тогаш Господ, твојот Бог, ќе ги врати твоите заробеници; ќе се смилува на тебе и пак ќе те собере од сите народи меѓу кои те протерал Господ, твојот Бог“.
- Зголемување на знаењето и брзината на патувањето (Даниел 12:4), кои некогаш изгледаа невозможни, а денес нѝ се секојдневие.
- Глобалната комуникација преку интернет го поврзува светот во секунда, давајќи ни можност да сведочиме и да го споделуваме Христовото евангелие до сите краишта на светот (Матеј 24:14).
- Исмејувањето на верата во Христос и Во Неговото повторно доаѓање, според предупредувањата од 2 Петрово 3:3-4, кои што ги гледаме, како да станаа духовен натпревар во нашето време. Сите Христови служители се исмејувани и доживуваат секакви неволји, бидејќи не се поголеми од Учителот, како што најави Самиот Господ Исус Христос. (Матеј 10:24).
- Војните и конфликтите не стивнуваат, и покрај обидите за мир и преговори. Гледаме како Путин испрати луѓе од својата администрација во Русија и Украина за да преговараат за мирно решавање на војната. Истовремено, ЕУ им дава совети на своите граѓани да се подготват за ситуации на екстремна воено-безбедносна криза и да можат да преживеат извесен период без да очекуваат помош од војската. (1 Солуњаните 5:3).
- Несреќите, катастрофите и затемнувањата на сонцето и месечината, кои ги имавме сега во август, во (Лука 21:25-26) нѝ се опишани како знаци од небесата што нѐ потсетуваат дека наближува нашето избавување. Но, токму затоа, треба да ги подигнеме главите нагоре во исчекување на Спасителот, Господ Исус Христос.
- Пресушувањето на реката Еуфрат (Откровение 16:12), важен знак кој ги означува последните стадиуми од излевањето на Божјиот гнев врз грешното и непокајано човештво.
Но, она што сега треба да се случи и го раздвојува овој сегашниот, од тој страшен временски период е грабнувањето на Христовата невеста, и тоа да се потсетиме – со ЗВУКОТ НА ПОСЛЕДНАТА ТРУБА!
„Зашто ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така и умрените во Исуса, Бог ќе ги приведе со Него. Зашто ова ви го кажуваме преку словото на Господа, дека ние, кои живееме и остануваме до Господовото доаѓање, нема да отидеме пред оние кои умреле; зашто Самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при БОЖЈА ТРУБА, ќе слезе од небото и мртвите во Христа ќе воскреснат прво. Потоа ние живите, ние кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, во воздух, во пресрет на Господа; и така засекогаш ќе бидеме со Господа.“ – 1 Солуњаните 4:15-17
Никој не го знае точниот момент кога ќе се врати Господ Исус Христос по нас (Матеј 25:23), но неопходно е да се подготвиме, според советот што ни го даде апостолот Петар: ДА БИДЕМЕ ЧИСТИ, БЕЗ ПОРОЦИ И ПОМИРЕНИ СО БОГ!
„Денот кога Господ ќе се врати, ќе ве изненади како крадец. Небесата ненадејно ќе исчезнат со силна бучава. Елементарните состојки во оган ќе се распаднат, а Земјата и сите остварувања на неа, ќе исчезнат.“ – 2 Петар 3:10
Кога знаете дека сето ова ќе пропадне, како треба да се однесувате?
„Треба да водите свет живот, посветен на Бог, да го чекате и што поскоро да го посакувате доаѓањето на тој Божји ден. Тогаш небесата ќе бидат запалени и уништени, а елементарните состојки од жештина ќе се растопат. Но за нас Бог вети ново небо и нова Земја, каде што ќе владее праведност. Ова со нетрпение го очекуваме! Очекувајќи го ова, пријатели мои, потрудете се Христос да ве затекне чисти, без пороци и помирени со Бог.“ – 2 Петар 3:9-14
Пријатели, дали разбирате дека ние. Христовите следбеници, кои желно Го очекуваме Господовото доаѓање, токму ние сме таа генерација, што нема да види смрт и распаѓање!
Светот набрзо ќе се соочи со гневот на Јагнето – Господ Исус Христос, но тоа не е наша иднина, бидејќи Исус нема зошто да го излее Својот гнев врз нас, откупените со Неговата крв и спасените по милоста на Бога, преку вера во Него!
Јасно ни е ветувањето од 1 Солуњаните 4:17 и 5:9:
„Потоа ние живите, ние кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, во воздух, во пресрет на Господа; и така засекогаш ќе бидеме со Господа.“ – 1 Солуњаните 4:17
„Зашто Бог не нè определил за гнев, туку да придобиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос.“ – 1 Солуњаните 5:9
Празникот на трубите е не само повик за подготвеност, туку и порака на радост, бидејќи очекуваме да Го видиме Христа со свои очи. Со радост го очекуваме денот кога ќе се сретнеме со Него на облаците и потоа, засекогаш ќе сме во Неговото присуство. Да, чекањето е тешко, ама се исплати.
Да ги издржиме сите овие непријатности, кои се случуваат околу нас, да ги живееме овие времиња со мир во срцата, со вера што победува и со надеж што нема да се изгуби.
Нека радоста заради Исусовото повторно доаѓање го исполнува секој наш ден, бидејќи, дадено нѝ е ова ветување: „Што окото не виде, што увото не чу, што во човечкото срце не дојде, тоа Бог го приготви за оние, кои Го љубат.” – 1 Коринтјаните 2:9
Извор: Последни времиња

