Имав мирен и убав живот – диплома, работа, сопруг, деца, дом, пријатели, мислев дека имам сѐ, но го немав најважното – Бог. Не Го познавав и не разбрав дека сѐ што имам е од Него. Не ги препознав состојбите и грешките кои ми донесоа проблеми.
Ми се појавија цисти во градите. Одев на редовни лекарски контроли а на една од нив најнеочекувано добив лекарски резултат со дијагноза: ИНВАЗИВЕН КАРЦИНОМ.
Тоа беше момент во кој бев сама, во шок и тишина среде полниот болнички ходник. Ми запре здивот, занемев од страв, а во мислите ми прелетуваа прашања: “Зарем јас? Зошто? Како? Зарем е крај? Толку ли беше? Што ќе биде со моите деца? Сопруг? Работа?” Се чувствував како да стојам сама на работ на висока карпа.
Следуваше известување на најблиските, тие исто така беа во шок, но ми даваа силна поддршка. Веднаш бев упатена во болница на итни прегледи, хируршки интервенции, преврски, терапии, контроли.
Сакав да живеам и иако не знаев како, инстиктивно се молев на Бога за спасување и оздравување. Се молев кога заспивав, кога се будев, кога примав анестезија, кога се будев од анестезија. Го гледав крстот на Водно, во раката постојано држев едно мало камче на кое имаше природно обоен крст кое тукушто го имав најдено, како знак да се насочам кон верата.
Многу страдав од раните на телото и од раните на душата. Поминував тежок период и голема емотивна криза. Живеев на рати, од една контрола до друга, потоната во страв, очај, осаменост, тага и грижи.
Чувствував дека покрај медицината, за животот и здравјето големо значење има духовноста. Истражував разни духовни теории и практики, читав современа психологија, филозофија, практикував разни дисциплини – јога, медитација, космичка енергија, Шри чин мој, биоенергија, пирамиди, одев во цркви, палев свеќи, чував икони, води, амајлии, но ништо не ми помогна, никаде не наоѓав мир и не знаев дека грешам сѐ повеќе.
Конечно, во сето тоа лутање, го најдов патот кон излезот, ми го посочи пастор Константин Кајшаров, магистер по кинезитерапија и клиничка психологија. Го видов на ТВ како прикажува некакво чудно лекување без допир, пронајдов контакт и се пријавив на неговиот дводневен Семинар за силата на молитвата.
Тие два дена ми го променија животот. Од него слушав за Божјата љубов, за силата на библиски заснована молитва, која лично ја почувствував. Кога пастор Константин се молеше за мене, почувствував како внатрешно од мене се чистеа наслаги од тага, страв, грижи, се симнуваа товари од минатото. Почувствував светлина, леснотија, надеж, оптимизам, конечно ги пронајдов мирот и радоста, кои очајно ги барав. Почнав да живеам со надеж и радост, силно поттикната во вера и молитва.
Набрзо отпатував на патување во Израел, на местата на кои се родил и живеел Исус Христос, заедно со една група предводена од пастор Константин. Ни раскажуваше за библиските настани на секое место, кои ги чувствувавме како да се случуваат во тој момент, како времето да не постои. Длабоко во моето битие ја примив верата во Господ Исус Христос. Почувствував дека Бог толку многу ме сака што си Го даде Својот Син за да не спаси нас луѓето, мене, секој кој ќе поверува во Него и Го прими во своето срце. Поверував. Пс. Константин ме крсти во реката Јордан, Го избрав Исус Христос за свој Господ, ја примив Божјата прошка и љубов, која ме преобрази, ми даде покајание, сила да простам на сите и себе си, определба дека сакам да Го следам. Ми се јави силна благодарност, љубов, жед за читање Библија, за молитва за себе и за други луѓе.
Се вративме назад и продолживме со заеднички средби со читање Библија, пеење песни за Господ. Наскоро бев крстена во Светиот Дух, со молитва од пс. Константин, примив сила и дарови од Светиот Дух. Почувствував припадност во црквата каде заедно со многу други верници се радуваме на прекрасните Богослужби, песни, книги, семинари, духовни школи, летни кампови, дружења.
Оздравев целосно, стекнав траен мир, постојана радост, увереност дека Бог е со мене, силна вера што “планини поместува”. Од болеста нема никаква трага, живеам нов живот, обновена, уште посилна, повитална, со елан и бројни активности.
Членовите на моето семејство ги гледаа промените кај мене, ги слушаа моите сведоштва, чувствуваа промени кога се молев за нив. Ги поттикнав и еден по еден сите поверуваа во Господ Исус Христос и се приклучија во црквата.
Цело семејство напредуваше и уште напредува, сега сите заедно, четири генерации припаѓаме и духовно растеме заедно со другите прекрасни луѓе во нашата ХЦ Блага вест во РМ, водени од нашите епископи, пасторите Константин и Милена Кајшаров. Станав сведок на многу Божји чуда во животот мој, на моите блиски и на многу други луѓе.
Од некој кому му требаше молитва за исцелување станав служител, почнав да се молам за други, да помагам во црквата, да делувам со вера, да пишувам и сликам, да зборувам и сведочам, да поттикнувам луѓе кон вера во Господ Исус Христос.
Живеам живо христијанство во пракса, практикувам вера на Божји начин, се радувам на изобилие од секакви благослови врз мене и моето семејство.
Благодарна сум на Бога за Неговата милост и благодат, зашто не заслужив а ме спаси, ме оздраве, ме подигна и благословии преку Господ Исус Христос, единствениот Пат и Вистина кој дава живот, и тоа живот во изобилие.
Благодарна сум на мојот пастор Константин кој ме доведе до Господ, до двајцата мои пастори, за нивната постојана грижа за мене и моето семејство, за нашиот духовен раст и благосостојба.
Бидете од Бога благословени вие кои го читате ова сведоштво, нека биде поттик и охрабрување дека ракот не значи крај, дека од сѐ има излез, дека на крајот од тунелот секогаш има светлина.
Има Некој Кој ве сака и чека да Го побарате, некој Кој ви подава рака да ве извлече од темнината во Неговата прекрасна Светлина – нашиот Господ Исус Христос!
Софија Кузмановска

