Во светот постојат многу изолирани, специфични или историски места каде што сосема мали заедници на христијани го слават Исус. Постои едно место, скриено во карпестите пазуви на планините Каламун во Сирија, во кое времето како да запрело, за да ја сочува вистината за Исус. Тоа е местото Маалула. За христијанскиот свет, ова мало планинско градче не е само обично геогравско место, или археолошки локалитет, туку спомен од раното христијанство и тивок чувар на Исусовиот збор.
Зборот „Маалула“ на арамејски значи „влез“ или „премин“, што симболично ја отсликува улогата на ова место како мост меѓу минатото и сегашноста. Додека чекорите по тесните улички и ги гледате куќите вклопени во самите карпи, можете да го слушнете звукот на јазикот, кој некогаш одекнувал низ Галилеја и Ерусалим. Тоа е истиот јазик на кој Исус ја изговорил молитвата „Оче наш“, јазикот на кој ги лекувал болните и со кој ги поучувал Неговите ученици. Во тие мигови, Светото Писмо се чувствува како глас кој директно ни зборува во срцето.


Христијанството на Блискиот Исток никогаш не било лесно, за што сведочат историските настани во Маалула. Пред само неколку години, за време на сирискиот конфликт, христијанската заедница преживеа брутални напади, сквернавење на цркви и се соочи со најужасниот избор, да се откажат од Христа, или да се соочат со смртта. Но нивната вера се покажа дека е поголема од стравот и уништувањето. Маалула почна да се крева од пепелта, а жителите се вратија. Започнаа со обнова на разурнатите храмови и куќи.
Приказната за Маалула е сведоштво за непоколебливост и истрајност во верата. Ова мало планинско градче и денес не потсетува дека Црквата не е таа која е изградена од тули, туку од живи камења, кои му служат на Христос со љубовта, која сврзува сè во совршена заедница.


Секојдневно славење на Исус на жителите на Маалула е повик до целиот христијански свет да се потсети на своите корени. Маалула ни порачува дека верата не зависи од големината на нацијата или од политичката моќ, туку од верноста кон Словото. Додека во Маалула се слуша арамејскиот глас, кој Го слави Христа, светот има жив потсетник дека Исус е тука, меѓу нас и дека Неговиот глас никогаш нема да згасне.
„Содржината е базирана на јавно достапни онлајн информации, со авторска обработка и интерпретација“.
Подготви: Maja Јовевска

