Духовна аптека

Биди солта што го зачувува светот од распаѓање

Кога Исус рече: „Вие сте солта на земјата“, тој говореше за нешто, што има многу подлабоко значење, отколку што луѓето од денешниот современ свет се свесни. Во Матеј 5:13, Исус вели: 
„Вие сте солта на земјата, но ако солта стане блуткава, со што ќе се осоли? Веќе нема сила за ништо, освен да биде фрлена надвор и луѓето да ја изгазат.“

На прв поглед, луѓето ќе си помислат дека Исус зборувал за зачинување на храната. Но, во времето кога Исус тоа го кажа, во првиот век од оваа ера, солта била многу повредна отколку што можеме да си замислиме.

Пред да биде измислен фрижидерот, солта се користела за да се спречи расипувањето и уништувањето на храната, претежно на месото и рибата.
Цели економии зависеле од солта. Всушност, дури и англискиот збор за плата (salary) доаѓа од латинскиот збор salarium, што бил паричниот надоместок, што римските војници го добивале за да купат сол. Солта била скапоцена, бидејќи го спречувала процесот на распаѓање на храната. Па така, кога Исус го одржувал Својот говор на Маслиновата Гора им рекол на луѓето кои го слушале: „Вие сте солта на земјата“, Тој дал моќна изјава за значењето и улогата на Неговите следбеници во светот. Верниците требало да бидат морален заштитник на општеството.

Како што солта била предодредена да го спречува и забавува распаѓањето на храната, така и Божјиот народ бил предодреден по Божја промисла да има слична улога во светот, а тоа е да спречи светот да се распадне во духовната и моралната темнина. Но, Исус го даде и предупредувањето: „Ако солта стане блуткава…“

Грчкиот збор што го употребил Исус е μωρανθῇ (mōranthē), кој буквално значи да се стане глупав, досаден или неефикасен. Опишува сол што се контаминирала или разредила, така што повеќе ja нема моќта на зачувување на храната. Во древна Палестина, солта често се мешала со минерали од Мртвото Море. Ако концентрацијата на вистинската сол би се намалила при обработката, она што би останало, би изгледало како сол, но би ја немало моќта на зачувување на храната од расипување и распаѓање. 

Исус рече нешто многу значајно за таквата сол: „Не е корисна за ништо.“
Не вели дека е малку корисна, не вели дека е донекаде корисна, вели: „Не е корисна за ништо!“
Солта што ја изгубила моќта да го спречи расипувањето на храната, ја изгубила својата намена.

Да го споредиме сега ова со духовното значење на оваа Исусова изјава. 
Светот не се распаѓа затоа што постои духовната темнина. Духовната темнината отсекогаш постоела. Гревот всушност, настанал во рајот. Вистинскиот проблем е кога солта престанува да ја врши својата работа.

А тоа е кога верниците одбиваат да ја зборуваат  вистината за Исус, кога црквите избегнуваат да се соочат со гревот, кога духовните лидери проповедаат само за благодат и Божја љубов, но не изобличуваат за грев, кога Христијаните се вклопуваат во светот, наместо да ја зачуваат светоста. Во тие случаи се случува расипувањето и распаѓањето.

Во Римјаните 12:2 се вели: „Немојте да се прилагодувате со овој свет; туку, преобразувајте се преку обновувањето на вашиот ум, за да можете да ја дознаете која е добрата, угодна, и совршена Божја волја!“

Црквата никогаш не била повикана да ја отсликува културата, туку да ја менува. За жал, многу верници денес повеќе сакаат да бидат прифатени во светот, отколку да се „солени Христијани“, употребени за Божја слава. Тие сакаат да се вклопат наместо да ја зборуваат вистината. Тие сакаат аплауз наместо светост. И така, солта што не го спречува расипувањето – станува дел од тој процес на расипување.

Исус ги охрабруваше Своите следбеници и ги поучуваше дека нивните животи се наменети да носат влијание, што се спротивставува на моралната деградација, скапување и распаѓање. Не преку ароганција или самоправедност, туку преку светост, вистина и послушност. Солта во солeниот раствор пече кога ќе се нанесе врз отворена рана, но таа исто така и штити од инфекција.

Затоа, да не сме од онаа сол, која ја изгубила својата моќ и ќе се фрли да биде изгазена, зашто не е погодна за ништо, туку да бидеме солта која го зачувува светот од инфекција и контаминација. Секое такво зрнце сол е скапоцено во очите на Создателот.

Душанка Петрова

Можеби ќе ви се допадне

Духовна аптека

Биди сонце што не згаснува

  • 24.02.2026
Денот е посветол кога не ги паметиш лошите мигови и си простил на туѓата неспособност да те љубат и прифатат.
Духовна аптека

Без љубов животот нема смисла 

  • 24.02.2026
Како што поминуваат годините, деновите гледаме дека љубовта меѓу луѓето оладува и затоа многумина се разболуваат. Човек без љубов е