Како дете растев со прашањето: што се случува кога човекот ќе замине од овој свет?
Секогаш кога легнував, размислував што би се случило ако утре не се разбудам. Иако бев многу мал, на 6-7 години, гледав луѓе како умираат; загубив личности кои беа драгоцени за мене и мојот живот. Постојано си го поставував прашањето: што се случува кога човекот ќе замине и ќе го напушти овој свет?
Имав размислувања дека можеби ќе се разбудам како животно во некоја шума; или пак дека наеднаш ќе ме снема од овој свет. Детството ми беше напорно, тешко, се борев со стравови, комплекси на ниска вредност, анксиозност и паника.
Бев жртва на семејно насилство и бев физички угнетуван од моите врсници во основното училиште. Некогаш тоа беше затоа што бев премногу мирен и затворен; се плашев да не бидам повреден и омаловажуван. А некогаш беше поради мојата дебелина, бидејќи бев еден од најдебелите деца во класот.
Кога започнав да одам во средно училиште, сакав тој хорор да заврши. Се здружив со лошо друштво и почнав и јас физички да ги угнетувам другите деца, мислејќи дека така ќе бидам повеќе ценет и почитуван. Мислев дека ако луѓето се плашат од мене, нема да зборуваат за мене и нема да ме омаловажуваат.
Станав зависник од цигари, алкохол, порнографија, а користев и дрога. Но немав мир, завршував во полициска станица, на судови, и се прашував што ќе се случи со мојот живот; дали ќе завршам на млади години во затвор.
Дома имавме Библија, но секогаш кога ќе посакав да ја читам, започнував и веднаш престанував, не можев да издржам. Мислев дека не сум спремен за христијанството, ниту да слушам за верата во Господ Исус Христос, бидејќи се чувствував мизерно и премногу грешно.
Барав решение, па започнав да одам во православна црква, но таму бев соблазнет од свештеникот и од други служители.
Неколку пати ми укажаа да ги кријам парите кога ги ставам пред икона, за да не гледаат другите луѓе колку ставам. Бидејќи ставав малку пари, се чувствував отфрлено и неприфатено. Секогаш кога доаѓав, имаше некоја ситуација и луѓето гледаа во мене, а јас потонував во срам. Се прашував: ова ли е верата, ова ли е тоа христијанство што треба да го живееме?
Во 2019 година, за време на Велигден, мајка ми ми зборуваше за еден пастор – Константин Кајшаров, слушнала сведоштва од луѓе дека се молел на Господ Исус Христос за нив и дека Господ им помагал.
Кога го слушнав тоа, почнав да ја прашувам мајка ми за него, а таа ми прати песна со наслов „Христос воскресна“. Тоа беше првата песна што ја слушнави тогаш искусив мир и радост. Знаев дека тоа не е обична песна. Потоа започнав да ги слушам и другите песни, ги пеев и плачев на глас.
Нешто во мене се случуваше, сета тежина и тага заминуваа. Кога ми беше тешко, ги пуштав неговите песни и искусував мир.
Потоа посакав лично да го запознаам Константин Кајшаров и да дојдам во неговата црква „Блага вест“. Кога дојдов, проповедта што ја слушнав беше за Божјата благодат и за тоа дека сме спасени по милост, а не според нашите дела.
Поверував во Господ Исус Христос и осознав дека без Исус човекот не може да се спаси и да се помири со Бога.
Во Христијанската црква „Блага вест“, преку службите на епископ Константин Кајшаров, бев ослободен од демони што ме угнетуваа, бев исцелен од различни болести, ослободен од стравови, пороци, паника и депресија.
Денес живеам живо христијанство, практикувајќи ја верата во Господ Исус Христос. Благословен сум и сведок на Божји чуда секојдневно. Затоа гласно сведочам: Исус Христос е жив. Тој е Господ и Спасител. Тој ме возљуби и ме прифати во целост; за Него сум скапоцен и ценет.
Кога сакав да се откажам, Тој ме пресретна и ме повика. Во мојата слабост совршено се пројави Неговата сила.
Андреј Ристовски

