Духовни разговори, споделувања и подлабоко навлегување во Словото, го одбележаа Пасторскиот состанок, што во саботата на 01.08.2026 година се одржа во ХЦ Блага Вест во РМ.
Со фокус на разработката на дел од петтата глава од Посланието до Галатјаните, најпрвин присутните споделуваа свои разбирања и размислувања за пораката од овие стихови од Словото, а потоа Пастор Константин Кајшаров преку подлабоко библиско поучување ги истакна клучните пораки.
Посебен акцент беше ставен на љубовта, како најсилен показател на духовната зрелост. Ако навистина сме го разбрале Христовото дело, тогаш природно ќе го посакуваме доброто на другиот, исто толку искрено како што си го посакуваме себе си. Таму каде што недостига љубов, неизбежно се појавуваат поделби, судири и конфликти, додека таму каде што владее љубовта, се гради сплотеност и единството.



Беше истакнато дека плодот на Духот, се раѓа и постепено созрева во животот на верникот, кога тој е во постојано заедништво со Светиот Дух. Добрите дела, љубовта кон ближниот, посветеноста во служба се индикатор на спасението и сведоштво дека навистина Христос живее во човекот.
Светиот Дух не само што дава водство, туку исто така дава и сила во надминување на сопствените слабости.
Љубовта што навистина живее во срцето на верникот, природно зрачи во секој негов однос и во секоја негова животна ситуација. Токму затоа Црквата Блага Вест е место каде што верниците секојдневно учат како да љубат и да ја практикуваат љубовта на дело.

Пасторскиот состанок заврши со славење, заедничка молитва и поттик до присутните да стојат цврсто на Божјите ветувања, со погледот постојано насочен кон Христос.

