Цел живот чувствував дека постои нешто возвишено – нешто што не се гледа, но сепак е реално. Го знаев тоа длабоко во себе, но не знаев каде да го барам, па со години талкав во потрага по вистината.
Родена сум во православно семејство, каде се почитуваа обичаите за најголемите христијански празници – Божиќ и Велигден. Во црква одев само со баба ми, бидејќи мајка ми не веруваше во Господ и не сакаше да ме води таму. Во таа моја потрага по „нешто повеќе“, западнав во духовна заблуда. Почнав да ја изучувам Кабалата и, без да бидам свесна, тргнав по пат кој ме оддалечуваше од животот.
Тоа учење ме насочуваше да не реагирам, да бидам пасивна и да дозволам сѐ да се случува без отпор. Со текот на времето, потиснувајќи ја мојата природна човечка реакција, почнав да ги губам и чувствата, и односите со луѓето. Се повлеков во себе, се изолирав од светот и, без да забележам, престанав вистински да живеам. Се појавија и здравствени проблеми – не ми беше добро, ниту физички ниту психички.
Еден разговор со мајка ми ме освести. Таа ми рече дека повеќе не сум истата личност – дека сум станала затворена, крута и несреќна. Ме праша дали тоа има врска со Кабалата што ја изучувам и ми предложи да се откажам од тоа и да си го вратам животот. Тие зборови ме разбудија.
Се покајав и решив да заминам од тој пат. Не беше лесно – луѓето од таму беа многу нападни и тешко беше да се оттурнам. Но денес знам дека Господ ми даде сила да се ослободам.
За помалку од еден месец, во мојот живот дојде мојот сегашен сопруг, кој во тоа време го започнуваше своето духовно изградување во црквата „Блага вест“ во РМ. Преку него и јас станав дел од таа црква и почнав редовно да присуствувам на богослужби и проповеди водени од епископ Константин Кајшаров, кој денес веќе е наш Пастор.
Таму доживеав вистинско преродување. Го запознав Господ, ја пронајдов верата и добив духовно водство што ми помогна да го најдам она што цел живот го барав.
Денес имам свое семејство, свој дом, свои духовни родители – пасторите Константин и Милена, своја Црква – и најважно од сѐ, исполнет живот со вера.
Славица Кузмановска

