Некои песни се интересни кратко време и брзо се забораваат. Но има и такви, кои постојат низ времето и се пејат со генерации. Една од нив е песната „Amazing Grace“, или на македонски позната како „Милост Божја“, која повеќе од 250 години одекнува низ црквите, концертните сали, но и во срцата на милиони луѓе ширум светот. Taa се нарекува и христијанска химна, која според музичките анализи се појавува на преку 11 илјади различни албуми и се изведува приближно 10 милиони пати секоја година. Таа не е само обична мелодија, туку симбол на Божјата безусловна љубов и доказ дека ниту еден човек не е толку изгубен, за да не може да биде пронајден.
Оваа песна е напишана во далечната 1772 година, а авторот е англискиот поет и свештеник Џон Њутон. Интересни се историските податоци како е настаната оваа песна. Зад нејзиното создавање стои трогателна и фасцинантна приказна.
Во 1748 година за време на едно патување во Атлантскиот океан, бродот на Њутон, кој бил капетан, бил зафатен од страшна бура. Кога сите помислиле дека ќе потонат, Њутон во очај извикал: „Господе, спаси не!“ Бродот успеал да стигне до брегот, но овој настан за него претставувал целосно духовно будење. Поверувал дека Бог лично го спасил со Својата „прекрасна милост“. Неговиот живот пред да се случи духовното будење бил проследен со бурни настани, тој превезувал робови од Африка и познат бил по својот суров карактер, пцостите и неморалниот живот. Но Бог имал поинаков план за неговиот живот. Сфатил дека неговото спасување не било среќа, туку чиста незаслужена Божја милост. По овој настан Њутон ја напуштил пловидбата и со години го проучувал грчкиот, хебрејскиот и сирискиот јазик за подобро да го разбере Светото Писмо.

Во 1764 година бил ракоположен за свештеник. Девет години подоцна ја напишал песната „Милост Божја“. Тој никогаш не сфатил дека напишал нешто револуционерно и ниту еднаш не ја споменал песната во неговите лични дневници. Но оваа песна својата вистинска слава ја доживеала во 19 век, за време на верските движења во Америка. Инаку, Американската конгресна библиотека поседува посебна, огромна збирка посветена само на оваа песна. Архивата содржи преку три илјади различни снимени верзии на медиуми, како грамофонски плочи, касети и дискови, изведени во секакви можни жанрови.
Оваа песна може да се отсвири користејќи ги само црните дирки на клавирот. Оригиналниот композитор на песната е непознат, бидејќи таа настанала како традиционална народна песна. Човекот кој прв ја пронашол мелодијата и ја споил со текстот на Џон Њутон е американскиот композитор и музички колекционер Вилијам Вокер. Многу често во минатото, а и денес е изведувана од познати музичари и групи.
Витни Хјустон ја изведуваше на многу свои концерти во живо, честопати почнувајќи без никаква музичка придружба. Селин Дион ја сними песната на својот албум од 1998 година, како емотивна балада. Италијанскиот тенор, Андреа Бочели за време на пандемијата со ковид во 2020 година приреди историски концерт во празната катедрала Дуомо во Милано, а неговата изведба на „Amazing Grace“, која ја испеа акапела, привлече стотици милиони прегледи. Машкиот квартет Ил Диво, сними верзија во стилот на оперски поп, а тоа и дава на песната огромна драматичност и свеченост.
Оваа песна останува химна на надежта, која не потсетува дека без оглед низ какви бури минуваме низ животот, Божјата рака е секогаш испружена и ни нуди помош. Зборовите во песната се потсетник колку Господ Исус Христос не љуби и колку сме скапо платени. А ние не сме никогаш толку далеку, за Божјата благодат да не може да не допре и да ни го промени животот.
„Содржината е базирана на јавно достапни онлајн информации, со авторска обработка и интерпретација.“
Подготви: Maja Јовевска

