Ако барате здрав и вкусен десерт кој ќе ве засити, а притоа ќе ви даде енергија и хранливи материи, овие мафини со овес, јаболка и банана се вистинскиот избор. Комбинацијата од овошје, јатки и семиња создава природна сладост и крцкавост, додека овесот обезбедува ситост и баланс. Совршени се за појадок, ужинка или како здрава алтернатива на класичните колачи.
Потребни состојки:
• 90 гр овесно брашно (мелени овесни снегулки)
• 50 гр овесни снегулки
• 2 јаболки (излупени и изрендани)
• 1 банана (пасирана)
• 90 гр јатки (40 гр лешници, 50 гр ореви), ситно сечкани
• 70 гр брусници или суво грозје или микс
• 1 лажица мед
• микс од семиња (по 1 лажица сусам, семки од тиква, сончоглед)
• 1/2 лажичка сода бикарбона
• 1/2 лажичка прашок за пециво
• 1 лажичка екстракт од ванила (по желба, за вкус)
• цимет (по желба)
Подготовка
Во длабок сад ставете ги овесното брашно и овесните снегулки, потоа додадете ги јаболкото и бананата, ставете ги јатките, брусниците, семињата и останатите состојки и добро измешајте сѐ додека не добиете компактна смеса. Со раце формирајте мали топчиња и ставете ги во силиконски калап за 12 мафини претходно премачкан со кокосово масло, и печете ги во загреана рерна на 200 степени околу 30-40 минути додека добијат златно-кафеава боја. Оставете ги да се изладат малку пред сервирање.
Извор: Yummy recepies

