За некого одењето во Црквата е традиција, за друг навика, но за верниците од ХЦ „Блага Вест“ во РМ таа претставува место каде се среќаваат со Бога, примаат духовна храна, охрабрување и поучување. Таа е место каде го слават Христовото име во заедништво и добиваат насоки за справување со предизвиците на секојдневниот живот.
На почетокот на Богослужбата Пастор Јулијана Спироска, ги потсети присутните, дека не се обични луѓе, туку Божји избраници, повикани да живеат во согласност со идентитетот што им е даден во Христос.



Во продолжение, Епископ Константин Кајшаров ја сподели главната проповед, упатувајќи силно охрабрување до верниците да градат подлабок однос со Бога, преку молитва и читање на Свето Писмо. Тој истакна дека токму така, верникот се повеќе го запознава Христос, Неговиот карактер, го запознава Неговото срце и волја и колку повеќе човек се вљубува во Христос и ја осознава Неговата љубов, колку е чудесна и голема, толку полесно се оддалечува од гревот.
Понатаму, во единство и заедништво, сите верници пристапија кон Господова Спомен Вечера, присетувајќи се на Христовата жртва на крстот, а потоа со прославителни песни, одадоа слава и величие на Исусовото име.

