Несигурност, напнатост, страв од утрешниот ден. Ова е нашето секојдневие. Луѓето бараат стабилност, но ја наоѓаат сè поретко. И токму во оваа глобална вознемиреност, древните зборови на Исус Христос запишани во евангелијата (Матеј 24 и 25, Марко 13 и Лука 21 глава), звучат како извештаи од денешните настани и како ударни вести од светот.
Исус наброи многу јасно кои се тие знаци, кои ќе се случуваат непосредно пред Неговото Второ Доаѓање, и во оваа прилика ги коментираме поважните од нив:
Знаци меѓу луѓето: распаѓање на семејните и меѓучовечките релации
Исус предупреди „љубовта ќе олади кај мнозина“ и дека ќе има предавства, омраза, насилства, беззаконие и прогон на оние, кои вистински веруваат во Него. Денес сме сведоци на растечка недоверба меѓу луѓето, длабоки поделби и општествена напнатост. Семејствата се распаѓаат, пријателства се кршат, материјализмот и желбата за богатење доминираат, а зборот „вистина“ сè почесто се релативизира.
Исчезнува природната љубов помеѓу маж и жена во брак и се заменува со брзи, кратки, површни врски, засновани на телесни страсти и уживање; растат и перверзните сексуални нагони и склоности. Истовремено, човекот станува сè подепресивен и сè поосамен – дури и кога е опкружен со луѓе, а неговите непријатели се дури и најблиските членови на семејството.
Геополитички знаци: војни, немири и кризи
„Ќе слушате за војни и гласови за војни.“ Овие зборови денес добиваат конкретна тежина. Конфликти, закани, економски потреси и неизвесност го обликуваат секојдневието на милиони луѓе. Немирите и конфликтните состојби се случуваат внатрешно, во личниот свет на човекот и глобално, во реалниот свет. Гладот и сиромаштијата не исчезнуваат, туку се продлабочуваат во одредени делови од светот. Мирот изгледа како пауза во глобалниот немир, а не како состојба која трае.

Знаци во природата: земјата реагира
Земјотреси, глад и „страшни појави“- така Исус ги опиша природните знаци. Денес гледаме екстремни временски услови, пожари, вулкани, поплави и климатски нарушувања, што го менуваат животот на цели региони. Сведоци сме и на поморот – како на птиците и животните, така и на луѓето, заради бројни стари и нови болести и пандемии, кои актуелно се случуваат. Целата природа сведочи дека рамнотежата е нарушена.
Израел како знак
Повторното формирање на државата Израел во 1948 година, по речиси 2000 години непостоење и нејзината централна улога во светските случувања, за многумина претставува значаен пророчки показател.
Оваа мала земја останува во фокусот на глобалните тензии, како дел од поширока, длабока приказна што сè уште се одвива. Израел и Ерусалим се централни теми на медиумското известување, а антисемитизмот стана глобална состојба.
За Израел и Ерусалим има бројни пророштва поврзани со последното време. Дел од нив се веќе остварени, а други допрва треба да се реализираат, како што е пророштвото за изградбата на Третиот Еврејски Храм, влегувањето на антихристот во него и неговото прогласување за бог, а на крајот и настапувањето на Христовото милениумско владеење со Ерусалим како главен град, од каде што Исус Христос ќе владее со светот.
Зголеменото знаење: напредок без мир
Живееме во време на експлозија на знаење, во ера на компјутеризација, роботизација, трансхуманизам, вештачка интелигенција. Комуницираме со телефони и користиме авиони, благодарејќи на кои, светот стана едно големо село и патуваме од еден до друг крај на планетата за релативно кратко време.
Сепак, една од најголемите закани поврзани со овој знак доаѓа од пронајдокот, кој ќе се промовира како алатка за глобална сигурност во трговијата, патувањето, економијата, кој е наречен „белегот“ или „жигот на ѕверот“. Библијата недвосмислено укажува дека тој ќе се имплементира во десната рака или на челото, но и дека неговото земање ќе значи губење на спасението, засекогаш.
Технологијата напредува со огромна брзина, информациите се достапни веднаш, човештвото достигнува височини што некогаш биле незамисливи. Знаењето расте – но и неговата злоупотреба исто така, а мудроста и мирот за жал, сè почесто се губат.

Духовни знаци: борба за вистината
Можеби најдлабоките знаци се оние што не се гледаат со очи, туку се чувствуваат во духот. Од една страна, се забележува отпаѓање од верата. Многумина се оддалечуваат од вистинската вера во Бог и во Господ Исус Христос како Спасител. Се појавуваат бројни лажни пророци, учења и алтернативни „патишта на спасение“, што звучат привлечно, но ја разводнуваат вистината. Духовната конфузија расте, а вистината станува предмет на избор, наместо темел.
Но, од друга страна – се случува нешто силно и неочекувано.
Во различни делови од светот, често на места каде што најмалку се очекува, се јавува духовно будење. Луѓе што никогаш не слушнале, или биле далеку од верата, почнуваат да го бараат Бог.
Се сведочи за длабоки лични преобразби, за враќање кон верата во Исус и за силно дејство на Светиот Дух. Ова не е гласно пропагирано како кризите, и најчесто за истото не се известува во медиумите, но е подеднакво реално и се случува во Кина, Северна Кореја, Иран и на многу други места, каде што за Исус било опасно да се сведочи и зборува.
Ова движење во две насоки – отпаѓање и будење – ја покажува духовната битка што се одвива во нашето време. Кога сите овие најавени знаци ќе се стават заедно, тие не се само збир на настани – тие се ПОВИК. Повик да се разбудиме, да размислиме и да одлучиме каде стоиме.
Господ Исус Христос ги најави и зборуваше за овие работи, не за да нè поттурне во страв, туку за да нè доведе до спасение. Тој однапред ги откри знаците, за да не бидеме изгубени во нив.
Среде рушевините – Тој е Патот. Среде измамите – Тој е Вистината. Среде смртта и уништувањето – Тој е Животот. Среде стравот – Тој е Мирот.
Знаците се тука. Но и надежта е тука. И таа благословена надеж има име: ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС.
Душанка Петрова

