Ни беше кажано дека Константин е опасен и лажен учител, но ова беше неколкупати зборувано од страна на еден православен свештеник кој гостуваше во евангелската заедница каде што одев. Меѓу нас верниците си кажувавме дека сепак музиката, песните и текстовите на Константин, се библиски, ама и тоа го дознаа старешините и за тоа добивме забрана. Не плашеа дека ќе сме биле хипнотизирани со неговите песни бидејќи во минатото Константин бил во погрешни учења. После тврдеа дека демони ќе не нападнеле од песните и книгите на Константин ако сме ги слушале и читале.
Години поминуваа, но јас се чудев како тој човек опстануваше. Го мразеа, озборуваа, го отфрлаа и никогаш не го канеа на Христијански конференции. Многу често кога доаѓаа странски мисионери и прашуваа за него, нашите им кажуваа се најлошо, Константин беше стигматизиран како модерно зло и манипулатор за да биде изолиран. Еден од нив дојде од Хрватска и зборуваше за лажни учители, потоа се молеше да сме биле ослободени од демонското влијание на еден човек, а повеќето знаевме за кого станува збор.

Еден ден отидов во хотел Континентал кадешто во организација на неговата Црква се случуваше исцелителна служба.
Влезот беше без пари, пееја група на повозрасни луѓе со Константин и звучеше убаво. После тоа тој почна да проповеда. Се што кажа беше точно, поткрепено од Библијата, јасно и практично. Во салата имаше околу 400 луѓе повеќето првпат слушаа за Евангелието. Имаше духовна атмосфера, баш тогаш започна молитва за исцелување. Некои плачеа, други се тресеа и врескаа, демоните бегаа од нив кога тој ќе заповедаше, а други без да ги допре паѓаа само што ќе дувнеше воздух во нивното лице во име на Господ Исус Христос. Седев позади и ги гледав како после молитвата си одеа, навистина беа исцелени и ослободени од демони, беа обични луѓе не беа платени актери како што се зборуваше во заедницата кадешто го мразеа. Се беше библиски како што го правеа и некои од странците кои ни гостуваа во нашата црква, ама ова беше наше, а нашето сме научени да го мразиме.
Јас бев најскептичен во таа сала, најпрво сакав да најдам мана, потоа се борев со себе затоа што гледав нешто од Бога, но имав одбивност, имав предрасуди и страв. Купив книга и музички албум од Константин и побрзав дома да се вратам од тој настан, да чепкам и да најдам нешто погрешно за да се убедам дека нашите старешини биле во право.
Веднаш почнав да ја читам книгата, но во тие редови немаше самопромоција, немаше перење на мозок и стратегија за да ти ги земат парите, имаше лично откровение за Христос, се беше во согласност со Светото Писмо. Начинот на пишување беше лесен, немаше религија, дури се запрашав каков однос имам јас со Бога. После го слушав албумот и после се замислив. Сето тоа го направил сам и книгата и музиката и настанот, тој немаше спонзорства од Норвешка, Германија и Америка, немаше интерес да лови верници туку неспасените и болни луѓе да бидат спасени преку Евангелието, а ние го мразевме. Токму тоа го правеше различен и опасен, бидејќи кај нас сите проекти беа со спонзори од други цркви и организации од запад, кај нас имаше многу лидери, многу договарања, многу интереси и на нашите настани доаѓаа само верници од други цркви, не доаѓаа нови неспасени луѓе.

За еден музички настан во паркот во Скопје многу договарања и пари одеа, ама настанот ќе се направеше, сите среќни и полни со пари, само што Константин не ни чинел, а ние сите исправни бевме. Разбрав дека полесно беше да изградат страшило од Константин за некои луѓе да испаднат подобри и нивните цркви да се безбедни да не им избегаат верниците кај Константин. Години поминаа, ние војна со Господ водевме бидејќи Константин не ни одговараше како личност и фигура што носи промени. Полесно беше да се етикетира како лажен иако беше повеќе вистински од многу наши лидери. Никој ли не се исплаши од Бога што прават, се прашував.
Се уште има забрана за слушање на неговите песни, но јас ги слушам и на интернет го следам како проповеда. Веќе не сум дел од заедницата каде што ме тераа да го замразам и да имам предрасуди кон човекот, но не сум спремен да се појавам пред него.

Да не беше Константин ќе бев само овца која ја водат слепи водачи на религијата, сега прогледав, но останав сам. Се соблазнив, видов завист и лицемерие кај евангелисти и видов искреност кај обележаните. Ако ова го правеа на еден човек, тогаш каде ли е љубовта, какво ли е тоа христијанство од интереси и дипломатија? Сите знаат дека не се во право, ама молчат.
Ви пишувам со желба да останам анонимен, бидејќи бев во тоа старешинство и не сакам да имам проблеми. Работам на место каде што тие можеа да ме вработат и не сакам проблеми, но ви пишав бидејќи не сакам да сум дел од омразата што ја водат некои цркви против Константин Кајшаров.
Јас сметам дека тој е дар за Македонија и човек кој носи духовно богатство и помазание, но тоа го гледаат сите и се чувствуваат загрозени, не знам зошто ова продолжува. Не сакам да сум неутрален или да изберам што ми е поудобно, затоа оставам се на Бога, знам дека некогаш ќе се смени, но дотогаш нема да сум дел од овие игри. Вие продолжете со вашите проекти и објавувајте повеќе од делата на Константин, Божји благослов до Вас од се срце.

