Вести

Спасовден – вознесението на нашиот Господ Исус Христос

Спасовден е ден на радост, надеж и победа, затоа што Црквата го прославува славното Вознесение на Господ Исус Христос на небесата. Овој празник не е посветен на човек, ниту на човечко име (Спасе, Спасенија и други слични имиња), туку на нашиот Спасител – Господ Исус Христос, Кој победи над гревот, смртта и пеколот и седна оддесно на Отецот во слава.

Библијата сведочи:

„И кога го рече тоа, се вознесе пред нивните очи, и еден облак Го зеде од пред нивните погледи.“ – Дела 1:9

Господ Исус Христос дојде на земјата за да го спаси човештвото. Тој беше распнат за нашите гревови, воскресна во третиот ден и по четириесет дена се вознесе на небото. Неговото Вознесение е доказ дека Неговото дело е совршено и дека Тој е жив Цар засекогаш.

Вообичаено, луѓето го слават овој ден како именден на луѓе, кои се нарекуваат со име Спасе, Спасенија, Спаса, но вистината е дека Христос е единствениот Спасител.

Божјата Реч јасно кажува:

„И нема спасение во никој друг; зашто под небото нема друго име дадено на луѓето преку кое треба да се спасиме.“ – Дела 4:12

Затоа, Спасовден е ден кога Му даваме слава на Исус Христос — единствениот Спасител. Не сме повикани да ги возвеличуваме луѓето, ниту да ги славиме починатите според човечки обичаи, туку да Го воздигнеме Господ Кој е жив во вечни векови.

На овој ден, Исус беше подигнат на облак и се вознесол на небесата, пред очите на апостолите и со овој чин нѝ даде надеж дека и ние исто така, еден ден набргу, на звукот на последната труба ќе бидеме вознесени на небесата за да се сретнеме со Господа во облаците (според 1 Солунјаните 4:15-18). Затоа, Вознесението е празник кој носи надеж.

Кога Христос се вознесе, Тој не нè остави сами. Тој вети дека ќе биде со нас до крајот на светот.

„И ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот.“ – Матеј 28:20

Исус е Жив и единствено Тој посредува за нас пред Отецот:

„Христос Исус… е оддесно на Бога и се застапува за нас.“ – Римјаните 8:34

Колку е голема оваа утеха! Нашиот Господ не е мртов, туку Жив. Тој гледа, слуша и одговара на молитвите на Своите деца.

Затоа, погледот треба да нѝ е постојано насочен нагоре, бидејќи Вознесението нè потсетува дека нашата вистинска татковина е на небесата.

„Мислете за она што е горе, а не за она што е на земјата.“ – Колосјаните 3:2

Како верници, ние не живееме само за земните работи, туку со надеж за вечен живот во Христос.

Спасовден, исто така нè повикува да сме во секој миг подготвени за средба со Господ Исус Христос, со светост, вера и благодарност, бидејќи Христовото доаѓање по нас може да е во било кој момент.

Ангелите им рекоа на учениците:

„Овој Исус, Кој од вас се вознесе во небото, ќе дојде така како што Го видовте да оди на небото.“ – Дела 1:11

Ова е убав Христијански празник и затоа ако досега го празнувавте на погрешпен начин – со оддавање слава на луѓе, а не на живиот Спасител Господ Исус Христос – време е да  направите радикална промена во вашиот духовен живот.

Исус мораше да се воплоти во човечко тело за да нѝ обезбеди спасение преку вера во Него, но Тој  БЕШЕ, Е и засекогаш ќе биде БОГ; а Бог нема конкуренција во обожавањето и славењето. Тоа е голем грев, кој се нарекува идолопоклонство. За тоа се потсетуваме во втората Божја заповед:
„Не ќе си правиш врезан лик, ниту некаква слика на она што е горе во небото, или долу на земјата, или во водата под земја.  Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш, зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог. Ја посетувам неправдата на татковците – на оние кои Ме мразат – на децата до третото и четвртото поколение, а покажувам милости на илјадници, кои Ме љубат и ги пазат Моите заповеди.“- Излез 20:4-6

На Спасовден да не ја даваме славата на луѓе, традиции или човечки имиња, туку целата чест и поклонение да Му припаѓаат на Господ Исус Христос – Царот над царевите, Господарот на господарите и Спасителот на светот.

„Нему нека Му е слава и власт во сите векови. Амин.“  – 1 Петрово 5:11

Нека овој празник донесе мир, вера и духовна радост во секое срце, и ајде сите заедно да извикаме:

Слава Му на Вознесениот Господ Исус Христос! Амин!

Душанка Петрова

Можеби ќе ви се допадне

Вести

Верниците не беа публика – беа духовни оператори!

  • 27.02.2026
На Богослужбата одржана на 22 Фебруари во Христијанска Црква Блага Вест не слушавме само порака – доживеавме движење на Светиот
Вести

Присутните добија ослободување и разрешување од синџирите на заблуда кои ги влечеа назад

  • 02.03.2026
✅️ На Богослужба која се одржа на 28 Фебруари во ХЦ Блага Вест во РМ, се потсетивме на Даровите на