Изгледаа како сосема обично семејство. Кога Александар ќе се вратеше од работа, Маја го подготвуваше ручекот, а децата нетрпеливо го чекаа, за да му раскажат како им поминал денот. Тоа беа оние мали моменти што личат на среќа.
Но тој ден, се промени сè!
Додека седеа на трпезариската маса, заѕвони поштарот. Маја го прими писмото и кога го отвори, неколку минути подоцна, лицето ѝ пребледе. Погледна во сопругот и едвај изусти – Александар… што е ова?
И тогаш, како времето да застана. За прв пат после толку години, тој знаеше дека нема повеќе каде да се крие. Човекот кој наводно остануваше прекувремено, секогаш со подготвено објаснување за доцнењата и викендите поминати „на работа“, конечно беше соочен со вистината.
Многу од тие часови, не ги поминуваше на работа, туку во коцкарница.
Сè започна навидум од забава! Неколку минути „опуштање“ после напорниот работен ден, малку адреналин, малку возбуда, а потоа и првата добивка. Мислеше дека има контрола, но беше во голема заблуда. Некогаш ќе излезеше со пари во џебот, но повеќето пати остануваше со многу големи загуби.


Додека Маја веруваше дека напорно работи за семејството и за отплата на станот, Александар живееше во лавиринт од долгови и лаги, за кои таа не знаеше. Кога коцкарските загуби почнаа да се трупаат, тој зема уште еден кредит, убедувајќи се дека тоа е само привремено решение, за да го затвори долгот и никогаш никој да не дознае што се случило. Но, долгот не исчезна, туку порасна.
Писмото што Маја го држеше во раце, беше опомена од банката, која ги известува дека веќе шест месеци не се подмирени ратите за кредит и доколку долгот не биде подмирен во рок од осум дена, ќе биде активирана хипотеката врз станот.
Маја не можеше да поверува! Станот беше нивниот најголем заеднички сон. Години штедеа, се откажуваа од одмори и од многу други работи, само за да соберат пари за учество, за да можат да го купат, а сега тие неколку реченици кажуваат дека можат да го изгубат.
Следните моменти никој не проговори ништо, а потоа, една по една, Александар ѝ ги призна сите лаги – коцкарниците, позајмените пари, дополнителниот кредит што тајно го подигнал, ноќите кога не бил на работа, туку пред рулетот, убеден дека уште една игра ќе го извлече од проблемите. Со секое ново признание, Маја чувствуваше како да ѝ станува се подалечен човекот со кој го делеше животот.
Бидејќи веќе беше почнат летниот распуст, таа ги спакува куферите и со децата замина на некое време кај нејзините.

Александар, седејќи сам на креветот во дневна, со погледот кон празната детска соба, сфати дека всушност не ризикувал само да го загуби станот, туку и семејството.
Следуваа денови на вистинска агонија. Не можеше да се помири со целата ситуација. Пресметуваше, бараше излез, размислуваше од каде да го најде потребниот износ што го должи, но колку повеќе размислуваше, толку повеќе сфаќаше дека проблемот е многу подлабок од она што го покажуваа бројките на листот пред него.
Дури и да ги обезбедеше средствата, си мислише, што ќе променеше? Ќе исчезнеа ли лагите? Ќе ја вратеше ли довербата кај Маја? Ќе можеше ли сè да биде како порано?
Додека седеше така замислен, му заѕвони телефонот. Беше Ристе, пријател со кого се немаа слушнато од поодамна. Разменија неколку вообичаени реченици, а потоа Ристе како да предчувствувал дека нешто не е во ред со него, го праша како е? По неколку моменти молк, Александар му се отвори и му раскажа сè што се случи. Од како заврши, Ристе му го сподели своето сведоштво, од пред скоро десетина години. Истиот вртлог на зависност во кој беше западнат и кој му го уништи бракот, а потоа му раскажа за патот за излез од ситуацијата.
Како дел од Црквата Блага Вест, Ристе го покани Александар да дојде на неделната Богослужба. Му сподели дека тоа беше местото од каде тој го започна неговиот нов почеток во животот и дека сега и покрај сè, има само радосни и благословени моменти во животот.
Александар искрено не сакаше да оди, зашто се чувствуваше недостоен, скршен, посрамен, но на инсистирање на Ристе, отиде. Седна во последниот ред, надевајќи се дека никој нема да го забележи.
Започна Богослужбата и во еден дел од проповедта Пасторот зборуваше за Параболата за блудниот син, кој поради своите погрешни избори во животот, изгуби сè, но и за огромната милост на таткото, кој и покрај тоа, го пречекал со отворени раце и го примил назад. Додека Александар така слушаше, колку и да се стегаше, не можеше да ги задржи солзите кои му се тркалаа низ очите. За прв пат тој не плачеше поради долговите и изгубените пари, туку плачеше зашто разбра за длабочината на својот грев и за големината на Божјата милост. Тој ден, тој не доби решение за својот проблем, туку се случи нешто многу поважно – неговото срце се покаја.
Пред крајот на проповедта, Пасторот Константин ги повика сите кои за прв пат беа дојдени, доколку се подготвени, да Му го предадат својот живот на Христос. Тој момент длабоко се врежа во неговото срце, бидејќи Александар Го исповеда Христос за свој Бог и Спасител и за прв пат, после толку време, почувствува мир. Како да не беше повеќе истиот.
Разговараше со Пасторот Константин Кајшаров, му ја раскажа болката и ситуацијата и дека е спремен да се промени и да направи сè, само да го спаси семејството. И тогаш, наместо осуда, тој слушна зборови на охрабрување. Почувствува поддршка во миговите кога му беше најпотребна, а на крајот од разговотот Пасторот се помоли за него.
Во свет каде многу луѓе се чувствуваат осамени, отфрлени, повредени и неразбрани, Бог ја создал Црквата како место на прибежиште, надеж, охрабрување и исцелување. Таа е место каде солзите не се знак на слабост, туку почеток на исцелување, место каде осамениот наоѓа припадност, повредениот утеха, а изгубениот го наоѓа вистинскиот Пат.
Токму такво место Александар пронајде во ХЦ Блага Вест во РМ и почувствува љубов, беше прифатен и прими поддршка кога најмногу му требаше. Вратите на ХЦ Блага Вест се отворени за секого, зашто таму каде што Христос е во центарот, секој човек е добредојден, сакан и повикан да стане дел од Божјото семејство.
Вера М.

