Бракот не е заедница на двајца совршени луѓе, кои никогаш не грешат, туку заедница на маж и жена, кои умеат да сакаат безрезервно, дури и тогаш кога доаѓаат тешки денови. Во светот постојано го слушаме гласот дека треба да се ставиме себеси на прво место, дека нашите потреби се најважни и дека среќата се состои во тоа колку ќе успееме да зграбиме од животот. Но брачната заедница не може да опстои ако секој си го бара своето и не се грижи за потребите на другиот. Бракот е многу повеќе од обичен сојуз меѓу двајца луѓе, тој е прекрасен дар од Бога, како резултат на Божјата безусловна љубов кон нас.
Вистинската вредност на бракот не се мери по убавите зборови кои се кажани, туку се манифестира преку делата на љубовта, взаемната почит, трпението кога нештата не се едноставни, простувањето кога сме повредени, поддршката и утехата кога се потребни.
Во Светото Писмо за љубовта се вели дека е долготрпелива и милостива, дека не го бара своето и не држи сметка за зло. Во брачниот живот овие зборови не се само убава поезија, туку повик на кој треба да се одговори, односно заеднички духовно да се расте и да се надминуваат слабостите и предизвиците.
Ако Исусовите зборови се основата на која се гради брачната заедница, тогаш ниту една бура не може да ја сруши. Убавината на христијанскиот брак се состои во тоа што мажот и жената не го губат сопствениот идентитет, туку зацврстуваат во верата, учат да го замолчат сопственото „ЈАС“ и да го градат заедничкото „НИЕ“, не ги бараат сопствените права, туку се радуваат кога ќе го стоплат срцето на другиот.

Заедничката молитва ги сплотува, им дава одговори за многу животни прашања, преку неа тие го покануваат Господ Исус Христос да царува во нивниот живот и дом, ги изложуваат пред Бога своите слабости, заедно се во миговите кога се најранливи. Своите срца ги усогласуваат според Божјата волја, чекорат по заедничкиот пат и имаат исти животни приоритети. Кога заедно се молат лутината исчезнува, а товарот и грижите стануваат полесни, бидејќи сè предаваат на Бога.
Христијанскиот брак е живо сведоштво. Гледајќи го мажот, кој својата сопруга ја љуби како што се љуби себе си, кој се грижи за потребите на своето семејство, додека жената со почит му пристапува и нежно му се обраќа, тогаш Божјата љубов се манифестира на дело и инспирира.
Бракот е патување, во кое постојано имаш некој покрај себе, кој те потсетува колку си вреден во Божјите очи. Тоа е прекрасен завет, кој ветува дека, без разлика што носи утрешниот ден, двајцата ќе чекорат заедно, со вера во срцето, секој ден љубејќи се сè повеќе, сè поблиску еден до друг и поблиску до вечноста.
„Љубовта долго трпи, љубовта е милостива, лубовта не завидува, не се фали, не се вообразува; не се однесува непристојно, не го бара своето, не се раздразнува. Не држи сметка за зло; не ѝ се радува на неправдата, а ѝ се радува на вистината; сѐ премолчува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува.“ – 1 Коринтјани 13:4-8.
Подготви: Маја Јовевска

