Како си? Ова прашање секојдневно го слушаме и го изговараме, но најчесто тоа е само механички и површно. Одговорот најчесто гласи: „Добро сум, фала“. Но ако се задлабочиме во туѓите очи и го тргнеме превезот на секојдневната рутина, ќе
видиме дека не секогаш соговорникот се чувствува добро, расположено и радосно. Во време во кое љубовта оладува, во свет во кој сите се „среќни“, „совршени“ и „успешни“, ретко кој би споделил дека е слаб, беспомошен и духовно сиромашен.
Но ако мотивот на прашањето е искрен, ако имаме емпатија кон другите, ако Бог пребива во нашето срце, тогаш тоа „како си?“ станува чин на искрена христијанска љубов, третирајќи ги другите како свои ближни, исто како што Исус ги забележуваше луѓето околу себе, не гледајќи ги како толпа, туку како поединци со име, на кои им е потребна Неговата утеха, помош, прегратка и пријателство. Тој не ги гледаше од далечина, туку “очи во очи”, влевајќи им сигурност дека е тука за нив, дека му се важни и не се сами.
И денес некој може да го види Исус во нашите очи и нашето срце, може преку нас да го чуе Неговиот глас, чувствувајќи ја љубовта, преку начинот на кој пристапуваме, се однесуваме и делуваме. Пред Бога не е важно колку ни бил динамичен денот, каков ручек сме зготвиле и колку пари сме заработиле, туку колку љубов сме посеале. А љубовта се чувствува кога е преку дела изразена, таа ги омекнува срцата, влева доверба, сигурност и надеж. Преку неа се крши мразот, се тргаат сите завеси и разбираме колку сме благословени, што сме благослов за другите.
Тогаш тоа обично „како си“, добива сосема поинаква димензија, некогаш станува повик за молитва, некогаш поттик за утеха, или топла прегратка. Пристапот кон другите е одговорност, тоа бара време и посветеност. А многу често времето бесцелно се користи, се троши на социјални мрежи и игри и на крајот од денот се чувствува празнина. Додека грижата и љубовта кон другите, ако е искрена, носи радост, исполнетост и благодарност кон Бога за можноста да се послужи.
Затоа денес прашањето „како си?“, постави го поинаку од вчера, стопли нечие срце и покажи внимание, бидејќи во
Светото Писмо е пишано: „Постапувајте со луѓето онака, како што сакате и тие да постапуваат со вас!“ – Лука 6:31
Маја Јовевска

