Беше сончев, но студен ден. Се вратив од работа уморна и смрзната, но кога влегов дома, ме пречека топлина и светлина од сончевите зраци. Во тој момент почувствував длабока благодарност – за домот, за мирот, за семејството.
Но пред 12 години, ова беше само желба. Живеевме под кирија, со предизвици и неизвесност. Знаевме дека ни треба сопствен дом и правевме планови, иако единствената опција беше подигнување кредит кој знаевме дека не е лесно да се отплатува.
Како верници во црквата Блага Вест, на богослужбите на Пастор Константин Кајшаров почнавме да учиме што значи да му веруваш на Бог не само со зборови, туку и со дела. Учевме за десеток, за давање, за тоа како Бог благословува и штити. Не беше лесно да го применуваме сето тоа, но решивме да бидеме послушни.
Црквата имаше потреба од нов објект баш во периодот кога ние бевме фокусирани на штедење за стан. Се двоумевме дали да земеме учество во обезбедувањето објект за црквата. Но, еден ден средувајќи документи дома најдовме со сопругот заборавен плик со подарок за нашата венчавка. Наместо да го додадеме на нашата заштеда, решивме да го дадеме како доброволен прилог.
Само неколку дена подоцна, добивме неочекуван повик од роднина – ни беше отстапен стан за живеење. Без кредит. Без товар. Подарок. Во тој момент разбравме: Бог не се ограничува со нашите планови. Кога Му веруваме и даваме со вера, Тој отвора врати што никогаш не би можеле сами да ги отвориме.
Со огромна благодарност до Пастор Константин, чии поуки ни помогнаа да го живееме ова сведоштво. Бог е навистина верен.
Виктор и Славица Кузмановски

