Очевидци

Од паника до мир – мојата неверојатна трансформација

Бев млад, во тинејџерските години, кога за првпат се соочив со нешто што тогаш незнаев да го именувам- анксиозност.
Се случи ненадејно, една вечер бевме собрани на забава кај другар, кога одеднаш почувствував чудна нелагодност и страв без причина. Си заминав дома, и по некое време ми помина. Мислев дека е нешто минливо.

По неколку дена заминав во Бугарија на одмор со другарите. После неколку часа пристигнавме на море. Сè беше супер! Морето, хотелот, времето – сè беше преубаво. Поминавме неколку прекрасни дена во тоа место и решивме да заминеме во друго место на уште неколку дена. Пристигнавме на новото место, но јас веднаш таму се почувствував некако непријатно. Сепак, сето тоа сè уште го препишував на моментална нерасположеност.

Дојде вечерта и требаше да излеземе во диско со другарите, но тогаш почна вистинскиот хаос во мојот ум и тело. Почна да ми надоаѓа страв, како во состојба на паника, а немаше никаква причина за тоа. Легнав да одморам, но стравот како да се зголемуваше. Почна телото да се грчи, и одеднаш повратив и почувствував треска. Некако се смири телото и заспав.

Утредента другарите ме однесоа на лекар. Тамошните доктори ме прегледаа и само ми дадоа инјекција за смирување и ме пуштија дома. Се вративме во хотелот, но по некое време повторно паничен напад. Одлучив да се вратам дома. Се јавив на моите. Се договоривме да дојдам до Софија со такси и од таму да ме преземат. Цел пат се чувствував лошо, лежев и чувствував како да ќе повратам во секој момент. Но штом стигнав во Софија и ги видов моите, веднаш ми стана добро, како ништо претходно да не се случувало. Дури ми падна непријатно зошто толку многу ги вознемирив моите.

Сè беше супер тие ден-два додека бевме во Софија. Тргнавме за дома и негде по границата повторно ги почувствував истите симптоми.

Така започна мојата борба – десет години исполнети со страв, вознемиреност, панични напади, избегнување на луѓе и ситуации. Сто доктори, уште толку бајачки, милион совети и што уште не. Но вистински лек немаше. Квалитет на живот – нула. Почнав да немам успех на факултет, да не можам да положам испит, а претходно бев целосно одличен од прво одделение до четврта година. Од дружељубиво момче кое постојано спортуваше, а секој викенд беше излезено со друштво во град, се повлеков дома. Едноставно, во гужва не се чувствував пријатно, а гласната музика во дискотеките не само што ми сметаше, туку дури на моменти и чувствував страв од неа.

И така, додека не слушнав за Пасторот Константин Кајшаров, магистер по кинезитерапија и клиничка психологија. Тогаш почнав да ги посетувам богослужбите на Христијанската црква „Блага вест“, поверував во Господ Исус Христос, а воедно и да одам на молитвени терапии водени од Пастор Константин, со насока од него да ја читам Библијата и да го запознавам сè повеќе Господ Исус Христос. Дополнително ми посочи и десетина стихови од Светото писмо – Библијата, кои ги прокламирав гласно, односно објавував во моменти на паничен напад.

Сето ова ми помогна да го надминам проблемот за кој никако не можев да најдам решение со години. Паничните напади се намалуваа и по некое време целосно исчезнаа, а чувството на неоправдан страв како да ја изгуби силата. Посетувајќи ги богослужбите и читајќи ја редовно Библијата, јас сè повеќе и повеќе учев и разбирав дека Бог е нашата карпа на која може да се потпреме во секоја ситуација и дека Бог не ни даде дух на страшливост, туку дух на сила, љубов и себевладеење.

Денес, со благодарност сведочам: анксиозноста ја победив преку верата во Христос. Тој ми даде мир, сила и нов живот.

Јован Тодоровски

Можеби ќе ви се допадне

Очевидци

Повик кој го спаси животот на мајка ми

  • 24.02.2026
Повик за помош кој никогаш нема да го заборавам, зборови кои никој не сака да ги слушне и не ги
Очевидци

Докторите и предвидуваа само уште два дена живот, но се случи нешто натприродно

  • 25.02.2026
“Ѝ останаа уште два дена живот на вашата ќерка” – овие зборови точно на полноќ како ехо одекнуваа низ празниот