Повик за помош кој никогаш нема да го заборавам, зборови кои никој не сака да ги слушне и не ги очекуваш а од нигде никаде одекнуваа од другата страна на линијата од преплашениот глас на ќерка ми “На баба и се слоши, падна, чекаме брза помош, МОЛИ СЕ”. И толку. Мораше да прекине, зашто ја чекаше брзата помош. За прв пат во животот беше толку преплашена соочена со живот или смрт на близок, а јас во шок, неизвесност, неверие и далеку. Они во Скопје, ние со сопругот на Малта. Што можев друго да направам за да помогнам освен да се молам со вера иако и за мене ова беше шок, наплив на емоции сепак за една од најважните личности во мојот живот се работи, за мамичка, неможев и несакав ниту во еден момент да помислам дека ќе ја изгубам или дека ќе останат последици.
Но, ова за мене беше повик, повик за помош преку молитва, повик за конкретна акција “МОЛИ СЕ“ и морав веднаш да одговорам, немаше време за ништо друго, ниту за паника, ниту за страв, грижи, црни сценарија, солзи, зашто секоја секунда беше важна, за животот на мајка ми се работеше. Веднаш се повлеков во соба и на телефонот отворив слика од мајка ми со внуците од сестра ми, здрава, радосна и така почнав да се молам со благодарност и ги објавував Божјите ветувања за оваа ситуација врз мајка ми. Побарав молитвена поддршка од нашите пастори и групата за молитва во нашата Црква Блага Вест и армија од 30 луѓе се молеа и застапуваа за Божја интервенција и исцелување на мајка ми. Во меѓувреме добив информација после испитувањата направени во болница дека се работи за мозочен удар, левата страна (раката, ногата, вилицата) и беше укочена, дека тромб од срцето се откачил и завршил во мозокот и мораше веднаш операција за да се спречи евентуално крварење и парализа. Ни кажаа дека и операцијата е ризична и два часа после операција да не искрвави.
Додека од болница пристигнуваа загрижувачки вести, од моите пастори и сестри од Црквата кои се молеа за мајка ми постојано пристигнуваа охрабрувања дека Господ ќе ја крене, дека е во Божји раце и дека ќе биде добра, дека сите функции ќе и се повратат, визии како Бог преку ангели управува со операцијата, како ја крева левата рака горе високо, кои во тие моменти на неизвесност и борба за живот ми значеа премногу зашто беа зборови кажани од Бог преку нив, а не само обични празни и вообичаени човечки зборови за вакви ситуации. И во една ваква ситуација сваќаш колку голем благослов е да имаш семејство по вера кое во најтешките моменти е со тебе, во молитва, охрабрување и се што е потребно.
И додека траеше операцијата се молевме со сопругот Бог да управува со операцијата, да ги обезбеди најдобрите доктори, сестри, нега и се што е потребно и сето тоа со благодарност и вера како да се случило, додека се молев видов слика како Исус седи до неа на креветот за време на операцијата и знаев дека се ќе биде добро. Цело време имав уверување дека сѐ ќе биде добро, дека Бог ќе интервенира, дека Бог ќе и го врати сите функции и органи во нормала, и така и бидна. Во 17:00 часот и се слоши, веднаш дојде брза помош, испитувања, успешна операција и во 21:00 часот добивме инфо “дека ја однеле сега на неврологија мрда и со раката и со ногата и со устата”. Колку е Бог чудесен🙌 Каква Божја интервенција за само четири часа🙌
Со молитвите продолживме и наредните денови, докторите викаа дека 72 часа се ризични но ние верувавме дека е веќе исцелена и во совршено здравје. Беше седум дена на интензивна и веќе седмиот ден сама стануваше и одеше, сите функции и се вратија во нормала, и моториката, и рефлексите и беа во нормала, чудесна Божја интервенција и милост.
Луѓе Господ Исус Христос е жив, Тој не е само приказна или лик од филмовите што ги гледаме за Божиќ и Велигден, Исус е Жив и е ист, вчера, денес и довека, и чудата што ги правеше додека беше во човечко тело на земјата ги прави и денес, еве јас сум сведок на многу чуда. Исус воскреснува мртви и исцелува и ги крева болните и денеска. Чудесно е да се живее со вера и надеж во Него и да се биде сведок на вакви Божји чуда.
И затоа не чекај, во тежок час повикај Го и Тој ќе ти одговори и ќе те избави тебе или твоите најмили од секоја непријатна ситуација ако веруваш.
Маја Димитријевиќ
Повик кој го спаси животот на мајка ми

