Очевидци

Jогата ме доведе до амбис

Амбис…нема светлина, ниту звук…само мрак. Гласовите на мојот сопруг и на децата ги слушав само повремено и нејасно. Чувствував како ме напушта животната сила. Денот беше одминал кога се освестив. Разбрав дека 10 часа сум била во кревет, без свесност за себе и за околината.

Утрото беше вообичаено, сите бевме спремни за тргнување, јас и сопругот на работните места, а децата на училиште. Наеднаш, без било какви симптоми се онесвестив. Сѐ дотогаш мислев дека сум здрава поради тоа што практикував јога која ја нарекував “есенција на животот”, преставена дека е вистинскиот пат до психофизичко здравје на човекот. Читав книги, посетував курсеви за инструктор по јога, држев часови. Луѓето кои доаѓаа беа многу задоволни, се фалеа дека мојот глас им годи и ги опушта. Како одминуваше времето приметив дека се случуваат чудни, неочекувани работи: оние кои отсуствуваа подолго време од часовите се враќаа во старата состојба, со старите симптоми, како претходно да не доаѓале на јога. Јас почнав да слабеам, добивав тахикардии, немав сила. Не знаев дека се движам на работ помеѓу животот и смртта, дека јогата води кон амбисот.

Несвестицата што ми се случи, слабоста што ја чувствував, тахикардиите, губењето на телесната тежина ме натераа да посетам неколку специјалистички ординации. Сите медицинските анализи покажаа дека сум здрава, по што лекарите заклучија дека си измислувам болести, па буквално ме бркаа од нивните ординации. Бев очајна и збунета, се прашував зошто ова ми се случува, кога, еве, вежбам јога која има решение за секакви состојби?

Потрагата по одговори ме одведе кај Пастор Константин Кајшаров кој ми укажа дека практикувањето на јога е спротивно на христијанството и на она што Бог го зборува во Светото Писмо. За себе мислев дека сум верник, но сфатив дека воопшто не Го познавам Бог. За првпат слушнав дека Бог е љубов Кој толку ги засака луѓето од овој свет што си Го даде Својот Единороден Син Исус Христос, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Таа љубов откако ја осознав и искусив ме трогна, ми даде сила цврсто да одлучам да го променам мојот живот. Клекнав на колена во молитва, се покајав, се одреков од гревот, од јогата, а мојот живот го предадов во рацете на Господ Исус Христос. Во тој момент силно го почувствував присуството на Бог и Неговата љубов која го исполни моето срце. Ја разбрав Исусовата жртва на крстот со која Тој го зема секој грев врз Себе и нѐ ослободи, умре, беше погребан, но на третиот ден воскресна и е Жив.

Таа слобода што ја добив преку верата во Исус Христос, мојот Господ и Спасител ја живеам во полнота од Божјата благодат што незаслужено ја добив по Божја милост. 

Во мојот живот повеќе јогата нема место, Исус ми е доволен за сѐ! 

Господ Исус Христос е жив и Тој може да ве избави од секаков амбис, мрак и страдање, дури и од работ на смртта. Само отвори Му го твоето срце, прими Го за свој Господ и Спасител, довери Му го твојот живот и ќе ја доживееш Божјата благодат во сета полнота.

Марија Митева

Можеби ќе ви се допадне

Очевидци

Повик кој го спаси животот на мајка ми

  • 24.02.2026
Повик за помош кој никогаш нема да го заборавам, зборови кои никој не сака да ги слушне и не ги
Очевидци

Докторите и предвидуваа само уште два дена живот, но се случи нешто натприродно

  • 25.02.2026
“Ѝ останаа уште два дена живот на вашата ќерка” – овие зборови точно на полноќ како ехо одекнуваа низ празниот