Како малечок бев мирно и послушно дете, добронамерно, сакано и заштитувано во семејството. Кога почнав на училиште се соочив со светот, со деца кои не беа добронамерни кон мене, провоцираа без причина и сето тоа во мене почна да предизвикува гнев, страв, постепено затворање, интровертност. Времето поминуваше, јас растев без одговор за многу работи, и полека почнав да се соочувам со недостиг на волја за живот, за дружба со другите, а кога ќе се случеше дружбата како да не гледав смисла, како се да беше површно…
Под влијание на друштвото започнав да пушам цигари, а таа празнина во мене пробував да ја пополнам со алкохол кога излегувавме, со цел да ме опушти да заборавам на грижите, проблемите и невидливиот товар кој тежеше на моите раменици. Во тој период се борев со несоница и депресија, кои како да беа капак на се, па така на мои 26 години се соочив со самоубиствени мисли, дека нема за што да живеам, дека нема смисла животот, едноставно немаше светло на крајот од тунелот.
Разочаран, депресивен, меланхоличен, без работа, како ништо да не ми одеше во животот. Се прашував зошто е тоа така? Дали има излез? Дали Господ заборави на мене?
Во тој период во моите раце по некоја случајност дојде една книга, која откако ја прочитав, за прв пат разбрав дека Бог е љубов, дека и мене ме сака.
Иако претходно одев во Црква за празници, палев свеќи, сето тоа како да немаше ефект, ниту донесе некое подобрување во мојот живот.
Но откако ја прочитав таа книга и разбрав дека Бог ме сака,во мене како да се запали искра надеж за животот. По одредено време, имав средба со авторот на книгата, пастор Константин Кајшаров.
Кога тој се молеше за мене, Бог силно ме допре, ја излеа Неговата љубов и милост врз мене, јас
почнав да плачам и да викам во себе си: Господе Ти постоиш, Ти си жив, Ти ме љубиш… Го прифатив Исус за свој Господ и Спасител и тоа беше мојот најдобар избор што сум го направил во животот.
После таа молитвена терапија веднаш почувствував олеснување, тој невидлив товар на моите раменици го немаше повеќе, се почувстував лесен како пердув, радосен како да сум добил непроценливо богатство. Тој ден после долго време, кога си отидов дома заспав мирно, и утрото се разбудив свеж, полн со елан и желба за животот, но и љубов за моите најблиски, иако претходно често имав гнев кон нив и немав разбирање за нив. Во тој момент одлучив да ги откажам цигарите, што и претходно сакав, но не наоѓав сила да го направам тоа.
Иако растев во православно христијанско семејство, до тогаш немав никаков допир со Библијата, сега по насока на пастор Константин почнав да ја читам. Исто така почнав да присуствувам на Богослужбите во Христијанската Црква Блага Вест под водство на Епископ Константин Кајшаров.
Така мојот живот доби смисла, почнаа промени на подобро, се реализирав и семејно и професионално и знам дека сето тоа дојде од Бога во мојот живот. Стравот и депресијата не се повеќе дел од мојот живот, ја видов и ја гледам сеуште светлината на крајот од тунелот, а тоа е Господ Исус Христос и научив дека сум ново создание во Него.
Николче Спироски

