Били Греам (William Franklin Graham ) е еден од највлијателните христијански водачи. Живеел во Северна Каролина, САД (1918-2018) и бил еден од најмоќните евангелизатори, ракоположен баптистички свештеник и застапник за граѓански права.
Тој живеел следејќи го Божјиот повик – да ја пренесува најмоќната порака во историјата, дека Бог сите нè сака и нè поканува да ја доживееме таа љубов преку Неговиот Син, Исус Христос.
Били Греам бил познат по тоа што зборувал пред полни стадиони и на други масовни собири низ целиот свет, а неговите говори често биле директно пренесувани преку телевизија и радио.
Шеесет години водел кампања за евангелизација, пренесувана преку телевизија во живо (1947-2005), а четири години водел радио емисија во живо „Час за одлука“.
Во времето на интензивни расни борби во САД бил против расната дискриминација и поттикнувал расна интеграција. Во 1957 г. го поканил Мартин Лутер Кинг заедно да проповедаат во Њујорк. Помагал на тинејџери, на многу луѓе со различно потекло, ја охрабрувал американската и други нации, насочувајќи ги кон Библијата и верата.
Греам го проповедал Евангелието (лично, преку разни медиуми, Светската мисија БМС, Глобалната мисија), повеќе од било кој друг човек во историјата на христијанството.
Неговата публика, до 2008 г. достигнала 2,5 милијарди луѓе ширум светот. Во живо се обратил на 215 милиони луѓе во 185 земји, а поттикнал над 3,2 милиони луѓе да Го прифатат Исус Христос за свој Спасител.


Здружението за евангелизација кое го основал во 1950 г. досегнува милиони луѓе преку радио и телевизиски емисии, филмови, литература, обуки, настани и интернет.
Греам бил духовен советник на повеќе претседатели на САД, Х.Труман, Д.Ајзенхауер, Л.Џонсон, Р.Никсон и други. Рекордни 61 пат бил избиран на Галуповиот список (Gallup’s list) на најпочитувани луѓе во САД.
Били Греам бил во брак со Рут Бел Греам, со која се запознале на колеџ, а заедничката желба да му служат на Бога прераснала во нивна служба и брак. Додека тој патувал и го проповедал Евангелието, Рут се грижела за нивните деца, дом, служба, пишувала поезија. Имале различни улоги, усогласена цел и голема поврзаност. Оставиле пример за цврст брак изграден врз основа на вера, љубов, посветеност, кој траел долго и ги победил сите предизвици.
Како што технологијата отварала нови врати, Мисијата на Били Греам еволуирала, а пораката за надеж во Христос која што тој моќно ја ширел, останува непроменета, затоа што доаѓа директно од Божјото Слово.
„Зашто Бог толку го возљуби светот, што го даде Својот Единороден Син, за секој што верува во Него да не погине, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).
Оваа порака продолжува и понатаму да ги менува срцата на луѓето низ целиот свет.
Софија Кузмановска

