Можеби навидум обичен човек и класичен тип на претседател на држава, но дефинитивно беше личност која се издвојуваше од сите останати претседатели на Македонија, личност која донесе свежина и поинаков пристап на делување во политиката на државата, каде клучот за напредокот во секоја сфера на општеството според него не беа моќта и парите, туку верата во Господ Исус Христос, која јавно
ја исповедаше.
Борис Трајковски- роден во Струмица во 1956 година во методистичко семејство, каде уште од мали нозе бил воспитуван според Светото Писмо, по професија правник, а во 1999 година станува претседател на Македонија.
Но кој беше навистина Борис Трајковски?
Светот гледаше на него како на млад лидер, како миротворец кој избегна граѓанска војна во Македонија, додека пак некои го сметаа за најспособен политичар кој ќе ја гарантира стабилноста во Македонија.



Беше соочен со многу предизвици и проблеми во водењето на државата, но она што го дефинираше како човек не беше политиката и неговата позиција како претседател, туку зависноста од Господ Исус Христос, исповедајќи Го за свој Господ и Спасител. Иако беше политичар, сепак Борис Трајковски дејствуваше храбро со верата во Бога, се молеше за мир и напредок на Македонија и за нејзино духовно оживување, велејќи дека клучот за промена и трансформација на Македонија е само Господ Исус Христос, преку поттикнување на луѓето да Го познаат и прифатат Исус за свој Господ и Спасител.
Неговата величина не беше во функцијата претседател на државата, туку во она кое самиот го изјави за себеси, велејќи: „Комплетен сум и најголем сум кога Го имам Господ Исус Христос и тоа го чувствувам во мојот живот-ништо не е поважно од познавањето на Господ Исус Христос.“
За жал, Борис Трајковски прерано го загуби својот живот на 26 февруари 2004 година во трагична авионска несреќа кај малото село Ротимља во Босна и Херцеговина, но она по кое го паметиме и после сите овие години не е само како претседател на Македонија, туку пред сѐ како човек кој ги подигна стандардите за тоа како треба да изгледа вистинскиот водач на државата кој не се потпира на себеси, туку се надева на Бога, дејствувајќи со верата во Господ Исус Христос. Беше најдобриот лидер на нашата земја и човек чии зборови вечно ќе се паметат, оставајќи ни гласна порака, но и повик да зачекориме по единствениот пат кој носи живот, а тоа е да бидеме следбеници на Господ Исус Христос.
Јулијана Спироска

