Се викам Антонио Васев – сопруг, брат, син. А порано? Порано бев сè што не требаше да бидам.
Од мали нозе бев отфрлен, вниманието секогаш беше насочено кон сестра ми. Јас останував осамен и тажен, и токму таа празнина ме одведе во лавиринтите на мојот живот – дрога, коцка, блуд, хаос…
На само 14 години, од желба да бидам прифатен, почнав да се препуштам на пороци. Еден по друг се редеа во мојот живот. На почетокот изгледаше „кул“ и интересно, но со текот на годините станував сè потажен, сè додека не западнав во длабока депресија. Таа депресија ми донесе самоубиствени мисли, кои кулминираа по една страшна сообраќајка. Ударот беше толку силен што не беше можно да се преживее, ама јас поминав само со мала гребатина на раката. Наместо благодарност, паднав уште подлабоко во темнина, потполно се изгубив.
Во тие моменти на внатрешна борба, слушнав глас кој нежно ми кажа да го посетам Константин Кајшаров. Го најдов преку социјалните мрежи и договорив средба. Тоа беше средба надвор од оваа димензија, надвор од времето – откривање без повреда, мир без граници, нешто дотогаш непознато.
Втор пат дојдов на молитвена терапија. Патот до таму беше тежок, се нешто сакаше да ме спречи. Но не се откажав, сепак отидов. И таму се случи пресврт: комплетно ослободување од сите пороци. Најважно од сè – таму го запознав Господ Исус Христос. Тоа беше средба физичка, но истовремено духовна, облеана со милост, радост и мир каков што светот не може да даде.
Јас го прифатив Исус Христос за свој Господ и Спасител. Така започна мојата преобразба – процес на спасение и раст. Благодарен сум на Господ Исус Христос што ми даде можност да го запознаам, но и на Константин Кајшаров кој вложи во мојот духовен развој и ме обликува во зрел човек.
Денес не сум изгубен, не сум отфрлен, туку имам визија за животот, знам кој сум и каде одам. Денес сум сакан и пронајден од Христос – во Кого секој може да најде мир, љубов и спасение.
А ти што го читаш ова – го познаваш ли Христос?

