Празникот Духовден, е значаен верски празник кого народот погрешно го нарекува „духови“, и поради погрешното разбирање за неговото значење, се оди по гробишта и се раздава храна, која треба „да се најде за ‘душа’ на покојните“.
Оваа традиционално прифатена практика, која е крајно погрешна и навредлива за Бога, треба да се искорени што побргу меѓу нас, бидејќи Го навредува и ожалостува Бог Светиот Дух, Кој нѐ има запечатено нас, кои поверувавме во Господ Исус Христос, за денот на откупувањето (Ефесјаните 4:30)
Затоа, да разгледаме Кој е Светиот Дух и зошто е значаен за нас, Христијаните.
Пред сѐ, треба да ни е јасно дека Светиот Дух не е некоја недефинирана Божја сила, туку Третата Личност од ТроЕдниот Бог, со сите карактеристики на Личност, кои ги има и секое човечко суштество, но истовремено и многу, многу повеќе од тоа!
1) Светиот Дух има ВОЛЈА!
„Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака.“ – 1 Коринтјаните 12:11
2) Светиот Дух СЕ ЗАСТАПУВА за нас!
„А Оној, Кој ги испитува срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Он по волјата на Бога посредува за светиите.“ – Римјаните 8:27
3) Светиот Дух ЗБОРУВА!
„Духот, пак, му рече на Филипа: „Приближи се и застани до колата!”- Дела 8:29
4) Светиот Дух е наш СОВЕТНИК!
„И дури Петар размислуваше за видението, Духот му рече: „Ете, те бараат три човека. Туку стани, слегни и оди со нив, не размислувајќи ништо; зашто Јас ги пратив!” – Дела 10:19, 20
5) Светиот Дух е наш ПОМОШНИК!
„Но небесниот Татко, наместо Мене, ќе ви Го испрати Светиот Дух да ви биде Помошник. Тој ќе ве научи на се и ќе ве потсети на се што Јас ви кажував.“ – Јован 14:26
6) Светиот Дух нѐ ОСВЕТУВА!
„…но сега сте исчистени, станавте свети и оправдани пред Бог преку делото на Господ Исус Христос и Духот на нашиот Бог.“ – 1 Коринтјаните 6:11
7) Светиот Дух е БОГ!
„Но Петар рече: „Ананија, зошто го исполни сатаната срцето твое да Го излажеш Светиот Дух и да утаиш дел од земените пари за нивата? Додека не беше продадена, не беше ли твоја? И, откако ја продаде, не беа ли парите во твоја власт? Зошто вложи во срцето свое таква работа? Ти не излага луѓе, туку БОГА!” – Дела 5:3,4
Упорното негирање, непризнавање и отфрлање на Светиот Дух предизвикува таквиот човек да го направи единствениот грев, кој нема да му се прости!
„Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Духот нема да се прости.“ – Матеј 12:31

Затоа на Духовден избегнете да одите по гробишта, а наместо тоа, покајте се, отворете ја Библијата и започнете да негувате лична релација со Бог Светиот Дух, Кој ни е испратен да ни биде наш личен Помошник, нѝ дава сила да сведчиме за Исус и нѝ е гарант дека еден ден ќе влеземе во Небесното Царство!
Нека се врежат во нашите мисли овие Исусови предупредувачки зборови:
Исус му одговори: „Ти велам и ти нагласувам: ако човек не се роди од вода и Дух, не може да влезе во Божјото царство!” – Јован 3:5
Извор Фејсбук: Последни Времиња

